СО ЛОКАЛНАТА СЕРВИСНА УСЛУГА „СЕКОЕ ДЕТЕ СО СВОЈАТА АВТЕНТИЧНОСТ“ ВО ГЕВГЕЛИЈА ЌЕ СЕ СЛУЧИ СВОЕВИДНА „РЕВОЛУЦИЈА“ ВО ЕДУКАЦИЈАТА И ПОМОШТА НА МЛАДИТЕ РОДИТЕЛИ ЗА ПРАВИЛНИОТ РАЗВОЈ НА НИВНИТЕ ДЕЦА.
Во организација на ОО Црвен крст- Гевгелија, вчера, во Народниот театар- Гевгелија со јавна трибина, на која присуствуваа голем број родители, деца, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, пратеници од Гевгелија во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на Општина Гевгелија, претставници на невладиниот сектор, беше означен почетокот и презентиран проектот: „Секое дете со својата автентичност“, кој OО Црвен крст- Гевгелија со поддршка на Општина Гевгелија ќе го имплементира на подрачјата во негова надлежност.
Настанот беше отворен од страна на Лазар Мешков, секретар на ОО Црвен крст- Гевгелија, кој зборуваше за идејата и овој проект да биде реализиран во корист на родителите, чии деца се во фаза на раниот развој, поттикнат од организацијата и стручните специјални едукатори и рехабилитатори се со цел да се покрене свеста за родителското активно учество во развојот на детето, имајќи ја предвид автентичноста на детето и околностите кои произлегуваат од современото живеење. За среќа или за жал, живееме во едно динамично време, постојано оптоварени со обврски, состаноци, работа и слично поотфрламе како родители, занемарувајќи ги потребите и проблемите на децата, рече Мешков, истакнувајќи личен пример од неговото родителство.
Од страна на ангажираните 5 стручни лица- специјални едукатори и рехабилитатори беа презентирани активностите кои ги опфаќа проектот, 8 работилници во период од 4 месеца, креирани врз досегашното професионално работно искуство и тоа во областа на дефектологијата, логопедијата и психологијата.
– Ги креиравме работилниците и ги наменивме за родителите затоа што сметаме дека на родителите им е потребна поинтезивирана поддршка од стручни лица во прифаќање на постоечките развојни проблеми и состојби, а со тоа и превенирање на посериозни последици. Сметаме дека младите родители имаат потреба од едукација за правилниот детски развој, како тој изгледа и тече, која е улогата на родителот во развојот на говорот, адекватниот родителски пример во развојот на играта, како и градење на животни вештини кај детето преку личен пример, истакна Ружица Икономова.
– Најчест модел на воспитувањето на нашите деца е моделот којшто нашите родители го применувале врз нас кога сме биле деца, но начинот на живот на нашите родители и баби и дедовци и животот кој денес ние го живееме како родители е сосема сменет. Во тој контекст, поранешните методи на воспитување ја губат применливоста во денешно време. Ние како стручни лица ги креиравме овие работилници со главна цел да вие како родители станете свесни за огромната и најважната улога која ја имате врз развојо на вашите деца а работилниците во бидат една поддршка, една алатка за да бидете најдобра верзија на вас како родители, истакна Мери Кузманова.
– Специјалниот едукатор и рехабилитатор е професија која се занимава со детекција и идентификација на развојните отстапувања кај децата, прави стимулација и поддршка за детето да достигне оптимален развој, врши корективни третмани во зависност од состојбата на детето, прави хабилитација и рехабилитација на вештините. ЗНе помалку важна е соработката со родителите, поддршката во домашни услови, поддршката во совладување на наставните материјали, меѓусебната соработка со стручните лица од иста и сродна област како логопед, психолог, лекар, наставник и сл, истакна Елисавета Карастојанова.
– Ние, како стручни лица од нашата област, ќе се обидеме да ги воведеме родителите подлабоко во основите на детскиот развој и каде е родителската улога овде. Ќе позборуваме што значи типичниот развој на детето, а што отстапување од истиот,кога е време за логопед и што му претходи на развојот на говорот!? Дали се работи за развојна фаза и состојба што значат освојување на практичните вештини за развојот,кои се последиците од екраните, а кои бенефитите од учењето преку игра, игра во која се вклучени сите сетила кај детето, игра во која детето се движи, игра во која се изразува автентичноста на детето. Се надеваме дека работилниците ќе бидат од големо значење за доедукација на сите родители без разлика дали станува збор за родител на дете со типичен или нетипичен развој, истакна Мери Ангелова.
АНЕТА КАРАПЕЕВА: НОВОТО „НОРМАЛНО“ ОТУЃУВА
– Децата во денешницата уште од најрана возраст поспретно ракуваат со телефоните и таблетите од возрасните, играат видеоигри, пребаруваат содржини кои воопшто не ги разбираат и како предвреме да сакаат да пораснат. Игрите на компјутер, за разлика од игрите на улица, како што се плочка, народна, џамија, ластик и слични не ја развиваат моториката кај децата, рамнотежата, движењата, не го развиваат вниманието, мислењето, концентрацијата. Седењето на таблет не создава пријателства, чувство на припадност, туку, напротив, оттуѓува. До неодамна, читањето или раскажувањето на приказни од постарите, разните имитации, преправања и измислување игри и сопствени светови беа еден вид на „нормалнo“. Денес, тоа „нормално“ се електронските уреди. Тоа става дополнителен товар и обврска врз општеството, особено, на родителите, а по нив и на наставниците и терапевтите од мултидисциплинарниот тим кои се занимаваат со оваа проблематика- да бидат едуцирани и свесни за да можат да ги согледаат опасностите од изложеноста на телефоните, таблетите и други уреди и да ги заштитат децата, истакна Анета Карапеева.
Покрај излагањата на стручните соработници, лични искуства и колку е важна соработката со специјалните едукатори и рехабилитатори, споделија и родителите од општина Гевгелија на деца со нетипичен развој, Верче Крпач, Зорица Трајкова и Љубица Роксандиќ, се со цел да се стимулираат родителите и да се приклучат на овие работилници кои се од огромно значење, како за нив, така и за нивните деца.