25 април, 1191 година, една мала група на зографи, на Бога само познати, го зографисуваат скромниот храм посветен на Св. Ѓорѓи Победоносец, создавајќи го највредниот уметнички ансамбл на средновековието, ренесансниот бисер на Преспа…
Со непремостлив контраст меѓу скромната надворешност и раскошнта ренесансна внатрешност ,во пазувите на Баба планина ,со векови стои скромниот дом на Ангелот од Курбиново под будната стража на својот патрон Св.Ѓорѓи Победоносец.
Промислата господова не дозволила манастирот да потклекне под нападите на војските на Византијците,Османлиите Балканските и Светските војни .Стилот на ателјето на мајсторот кон крајот на XII век ќе биде пренесен и употребен во катедралите во Пистоја и Пиза, градови од италијанскиот регион Тоскана, каде што подоцна, врз основа на овој тип на фрескосликарство, ќе се развие и светски познатата италијанска ренесанса.
1952 г., е прогласен за споменик на културата. Манастирот се наоѓа во атарот на село Курбиново, во непосредна близина на Преспанското езеро, на магистралниот пат Битола – Ресен, на некогашниот римски “Виа Егнатиа”, кај крстосницата “Макази”, каде што се одделува пат за преспанските села. Кај с.Асамати, патот се дели и еден од краците води кон селото Курбиново. Околу 3 км над селото, под планината Баба, т.е. Националениот парк Пелистер, се шири прекрасен панорамски поглед на Преспанското езеро, каде се наоѓа црквата “Св. Ѓорѓи” мала, скромна, еднокорабна градба која оддалеку и не се познава дека е црква, сè додека не се примети олтарот.
За постарите истражувачи од 19 и 20 век, црквата Св. Ѓорѓи беше само незабележителна селска црква, без импозантни архитектонски облици, скромен надворешен изглед, без ктиторски натписи дури и отсутна од споменичката топографија на Преспа. Првиот проучувач на средновековната уметност на овие простори, рускиот археолог и историчар П. Н. Милјуков не ни ја посетил. Првите историчари на уметноста што го посетија, беа Г. Мије и Ѓ. Бошковиќ 1933 г., кога и направија огромен истражувачки пропуст со грешка на датирањето на црквата од 16-17 век.
Во споредба со другите споменици со особена ликовна вредност, сознанијата за манастирот Св. Ѓорѓи, Курбиново созреаја дури во втората половина на 20 век. Заслугата за воведувањето на црквата Св. Ѓорѓи во науката, со првата дескрипција на живописот и точното датирање врз основа на стилска анализа му припаѓа на српскиот историчар на уметност Радивоје Љубинковиќ, автор на првата монографија за Курбиново – Стара црква села Курбинова – Преспанско Језеро – 1942 г., објавена во списанието Старинар. Првите полемики беа околу датирањето на црквата. Кон крајот на 1958 г., е разрешена оваа дилема, при конзеравторските под раководство на А. Николовски и З. Блажиќ, кога e откриен запис од „Чесната трпеза“, на северниот дел на олтарот – 25 април 1191 година. 1961 г., на 12-от конгрес на византолозите во Охрид беше фрлена првата светлина во откривањето и значењето на црквата Св. Ѓорѓи.
Од страна на некои Византолози беше оценета како селски провинциски споменик, бледа копија на цариградската црковна градителска традиција и ументост се додека не настапи со излагање Р. Љубинковиќ. Заедно со С. Радојчиќ, А. Грабор, М. Хаџидакис, Д. П. Рајс ги произнесоа своите научни опсерватории и ги отворија вратите на Св. Ѓорѓи во светската ризница на вредности. Направени се аналогии со Св. Пантелејмон Нерези, Св. Кузман и Дамјан во Костур, но и со други цркви од Кападокија, Кипар, Синај, Русија, до Палермо и Венеција.