ЗОРАН ПЕРИЌ, ХЕРОЈ ОД СВЕТОТ НА ТИШИНАТА, СО РАБОТА И СПОРТ ГИ РАЗБИВА МИТОВИТЕ ЗА ЛУЃЕТО СО ПОПРЕЧЕНОСТ

WEB Телевизија во живо

Меѓу нас живеат многу луѓе со различен степен на оштетување на слухот, што не го ни забележуваме. Ова го сфаќаме дури кога ќе започнеме разговор со нив и ќе слушнеме дека имаат тивок глас кој тешко се разбира.
На луѓето што слушаат им е тешко да разберат како е да се биде глув или наглув. Тие мислат дека глувите лица живеат во свет на тишина, дека околу себе не слушаат музика, говор и други звуци, што ги наведува да се решат да живеат сами, зад затворени врати. Сепак не е така. Многу глуви луѓе не го доживуваат губењето на слухот како маана или дефект.
 
Еден од таквите е и денешниот наш соговорник, Зоран Периќ, роден во Гевгелија, а живее во Богданци, кој наместо да седи дома и да жали врз својата судбина, работи како фризер и членува како велосипедист во „Гевгелиски точак клуб“
 
Разговорот за ВЕЧЕР го направивме со помош на неговата сестра Радмила, и со модерното средство за комуникација, компјутерот.Таа во Битола, Зоран во Богданци, јас во Гевгелија. За Радмила, исто така лице со оштетен слух ќе чуете интересна сторија од самиот Зоран, во текот на нашиот разговор.
Инаку, Зоран е роден на 4-ти март 1985 година и не е роден со оштетен слух. Слухот го губи на своја деветмесечна возраст заради високата температура и воспаление на ушите.
 
Најнапред го прашавме каде го завршил своето образование и дали како дете и ученик имал некакви недоразбирања со неговите врсници поради тоа што имал оштетен слух ?
 
„ Посетував редовна настава во Богданци, каде што и живеам денес, а потоа завршив и курс за фризер. Како што напоменавте, слухот го губам како навистина мало дете, јас и не знам како е поинаку, како е кога си опкружен со сите можни звуци на природата. Недоразбирања во текот на детството имало, не велам не, но, знаете како, со тек на времето како јас, така и луѓето околу мене едноставно научивме да комуницираме на некој “наш” јазик.“
Како и кога го научи знаковниот јазик, и кој најмногу ти помагаше во тоа?
 
„ Знаковниот јазик почнав да го учам малку повозрасен, благодарение на мојата помала сестра,Радмила затоа што никој друг од мојата околина не го користеше тој јазик.Таа го започна своето средно образование во државниот училиштен центар за образование и рехабилитација ,,Партенија Зогравски” во Скопје, кое е средно стручно училиште за образование на ученици со оштетен слух. Покрај тоа што таму започна да го учи знаковниот јазик, и се отворија и многу нови погледи, содржини, знаења. И така, се што ќе научеше во текот на една недела, несебично ми го пренесуваше за време на викендите, кога ќе си дојдеше дома. Потоа, заедно почнавме интензивно да се дружиме со други лица коишто се со оштетен слух, со кои ден денеска сме во постојана комуникација, се дружиме, планинариме, патуваме итн.“
 
Зошто се реши да го изучуваш токму фризерскиот занает, и од кога имаш своја фризерница?
„ Желбата за фризерски салон потекнува од мали нозе. Се сеќавам секогаш ги потстрижував куклите на сестра ми, секогаш и беа тип топ средени (хаххаха). Морам да признаам дека мајка ми е најголемиот иницијатор за да го започнам курсот, постојано и ме мотивираше со тоа што ми велеше дека сум многу талентиран за тоа, таа гледаше на тоа како дарба. По три години курс, во 2004. година отворив сопствен фризерски салон. Во оваа прилика би сакал и да се заблагодарам на моите редовни клиенти затоа што и покрај пречките во коминикацијата ме поддржуваат, заедно растеме и заедно сме се подобри и подобри.“
 
Како дојде на идеја, да се занимаваш со велосипедизам, и тоа со оној екстремниот?
„ Почнав многу спотано а истовремено и многу амбициозно со велосипедизмот, иако немав многу искуство, тотално сам решив да да си возам и правам тури. Многу брзо велосипедизмот ми стана стил на живеење, тоа е некое посебно чувство,постојано чувство на нови предизвици, чувство на исполнетост, на среќа, да не ги изоставиме и многубројните здравствени придобивки од возење велосипед. А зашто оној екстремниот?! Уште пред да започнам да возам велосипед планинарев, имам искачено многу врвови низ Европа. Планинарскиот велосипедизам е спој од двете мои најголеми пасии.“
 
Меѓу првите членови си на „Гевгелија Точак Клуб“. Како си задоволен од тоа како се развива овој клуб и како си прифатен од другите членови?
„ Така е. За клубот дознав од мој пријател и сум презадоволен од целокупната дружба, поминуваме интересни велосипедски авантури заедно, испраќаме и порака за поголема употреба на велосипедите како превозно средство кои значително придонесуваат за заштита на животната средина и за здравјето на сите граѓани.
 
За ,,Гевгелија Точак Клуб” нескромно ќе кажам дека ќе го издигне македонскиот велопедизам на едно ново, повисоко ниво.“
Гледајќи твои фотографии од различни врвови, да те прашам каде до сега и на кои врвови се имаш извозено со твојот велосипед?
„ Имам искачено доста врвови во Македонија, меѓу кои ќе ги издвојам : врв ,,Зелен брег на Кожув”(2172m), врв ,,Двете уши” на Кожув (1766m),врв ,,Тумба”(1838м) на планината Беласица, врв Љуботен/Маја (2498m), врв ,,Крстовар” на планината Водно (1066m), врв ,,Пелистер” на Баба планина (2601m), врв ,,Кајмакчалан”на планината Ниџе (2524m), врвМаврово (1716m) и уште многу други.“
 
Што размислуваш кога возиш, онака сам на таа височина, кога само очитети се помагало?
„ Искрено кога тргувам и искачувам планини не мислам на апсолутно ништо, едноставно се соживувам со природата и уживам во неа. Е враќањето е секогаш поинакво, тогаш се чувствувам исполнето, среќно, размислувам на работи кои ме прават среќни, често размислувам и на мојот татко, кој не напушти прерано, кога имав само 9 години. Сите емоции излегуваат од мене во тие моменти.
 
Се вели луѓето кои што се занимаваат со спорт се посреќни, посамоуверени и можат да постигнат повеќе во општеството. Дали Зоран е среќен човек?
„Апсолутно сте во право. Поготово сметам дека групните спортови имаат голем позитивен ефект врз менталното и физичкото здравје, затоа што покрај здравствените придобивки доаѓа и до социјализација. Со гордост може да ви кажам дека сум среќен човек.“
Најавивме претходно дека имаш сестра, Радмила, за која пишувавме пред извесно време, која со својот партнер го отвори првото кафуле во Скопје каде со своите гости комуницираа на знаковен јазик.Сигурно си среќен и за неа и нејзиното постигнување?
„ Бескрајно сум среќен за мојата сестра Радмила и за нејзиниот партнер Мартин.Интересна е нивната приказна. Мартин е од Битола а Радмила од Богданци, се запознале додека учеле во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски”. При еден нивен престој во странство тие виделе дека многу глуви лица отвараат свои бизниси, бутици, ресторани, винарии.
 
Кога се вратиле, рамислувале што да прават, дали да бараат работа или да почнат свој бизнис. Добиле информација за кампањата на Министерството за труд и социјала и решиле да се обидат и тие да отворат свое нешто. Се решиле за кафетерија
Во Скопје го отвораат првото знаковно кафуле, кафулето – 02. Тоа бил предлогот на некој Македонец кој живее во Белград кој образложил дека ‘02’ е повикувачкиот број за Скопје, дека нивното кафуле е мост меѓу два света, со нула звук и две раце.
По извесно време се селат во Битола, и им посакувам уште поголем успех со кафе барот „Улаф сте“ кој сега се наоѓа во стара чаршија во Битола. Како лица со оштетен слух, нивната гостопримливост и отвореноста кон гостите ја покажуваат постојано, комуницирајќи на знаковен јазик. А ако гостинот сака, преку буквите на знаковниот јазик поставени во кафетеријата, може барем да се обиде да си го каже своето име и да се запознае со сопствениците, сестра ми Радмила и нејзиниот партнер Мартин.“
 
На крајот, имаш ли некоја порака за луѓето со било каква попреченост, дали да останат дома и да тагуваат, или да го прифатат предизвикот наречен живот?
„ Сметам дека веќе во нашето општество полека ја надминуваме стигмата и дискриминацијата кај луѓето со попреченост, гледаме и многубројни примери на социјалните мрежи за истото. Мојата порака е да ги следат успешните приказни на самовработување околу нив и започнати бизниси на лицата со попреченост и да веруваат во себе.
Тука го завршивме „разговорот“ со Зоран, пример на лице со попреченост, млад човек кој инспирира, вистински херој од светот на тишината, секогаш отворен за промени и кој не се повлекува пред животните предизвици,
Никогаш не се прашувал зошто болеста го осудила да престане да слуша. Тој не е човек кој се жали. Верува дека Бог зема со едната рака, но дава со другата рака. Му дала талент и меморија, сила, ентузијазам и имагинација.
Му посакуваме добро здравје, добра работа и среќен натамошен живот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *