ЗЛАТНАТА ФОЛИЈА ОД НЕКРОПОЛАТА МИЛЦИ

WEB Телевизија во живо

Некрополата Милци, е евидентирана во1977/78 год. и на неа во неколку наврати (1979, 1983, 1995 и 1997)14 се вршени археолошки истражувања од заштитен карактер. Врз основа на добиените резултати од откриените 74 гробни целини, некропoлата Милци припаѓа на групата рамни некрополи со инхумирани покојници. Доминантна форма на погребување е цистата од обработени плочи на крупнозрнест варовник. Бочните и челните страни на цистата се формирани од две-три делумно обработени, вертикално поставени камени плочи. Покривањето е вршено со една-две масивни или повеќе мали плочи. 
 
Идентичен тип на конструкции среќаваме и на соседната некропола Сува Река, како и кај валандовските некрополи: Глос-Грчиште, Марвинци и Дедели. Кон групата рамни некрополи со инхумирани покојници, припаѓаат и некрополите Бишов Јавор кај село Смоквица и Болован во близина на Богданци. Гробовите од споменатите некрополи од гевгелиско-валандовскиот регион главно се датирани во VII – VI век пр.н.е., со исклучоци, кои претходат или се појавуваат подоцна од оваа временска рамка. Во контекст на групата цисти – 101, 102 и 104, особен интерес привлече гробната јама – гроб 103 Во рамките на железновременските некрополи од гевгелиско-валандовскиот регион, употебата на злато во функција на гробен прилог е многу ретко присутна. 
 
Таков наод е фрагментирана златна фолија, откриена покрај черепот на инхумираниот покојник во гроб 4, од некрополата Бишов Јавор кај село Смоквица. Поради нејзината истрошеност и деформациите, автентичниот облик и димензиите не можеа да се согледаат во целост. Во обидот за толкување на функцијата, таа треба да се разгледува во контекст на апотропејската улога, која аналогно им се припишува и на златните маски, потврдена кај примероците во кнежевските гробови од Требеништа, Петилеп – Беранци, како и наодот од Самоиловата тврдина во Охрид. Референтни податоци за времето на нивната употреба и застапеност во богатите машки и женски гробови, откриваат гробовите од некрополата Синдос и осамениот наод од Халкидик. 
 
Златната фолија од војничкиот гроб 103 од Милци, ја откривме под долната вилица на покојникот Самата ромбоидна форма што асоцира на геометризирана претстава на човечка уста, упатува на нејзината примарна автентична позиција. Од оригиналниот изглед и пластичната декорација, недостигаат ситни делови. Надворешниот раб и é врамен со двојна рамка. Во центарот се наоѓа умбо, околу кое се шири розета од 16 листови со бадеместа форма, што на крајно стилизиран начин упатува на Сонцето, а можеби и на постојниот култ кон него. 
 
Во војничкиот гроб од некрополата Речица-“Лозишта” кај Охрид, во сличен контекст е откриена фолија од сребро, датирана во VI-Vвек пр.н.е. Златни ромбоидни фолии со идентична геометриско-флорална декорација во некрополата Синдос, се среќаваат меѓу наодите во гробовите на обата пола. Споредениот примерок од женскиот гроб од истоимената некропола, датиран околу 500 год.пр.н.е., со нашиот примерок, укажува на блиски стилски одлики, до степен што асоцира на производи од иста серија.
 
Бобан Хусеновски, археолог, Национална установа Музеј Гевгелија

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *