ОБИЧАИ ЗА ТОДОРОВА САБОТА ВО ГЕВГЕЛИСКО

Подлите намери на царот Јулијан Отстапник како и јавувањето и укажувањето на св. Теодор Тирон биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка. Сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост, особено првата недела по која некои се причестуваат, царот Јулијан наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите.
 
Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неосквернети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во црквата и се носи жито.
 
Според едно предание од Гевгелиско свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.
 
Во записите од Гевгелиско направени на почетокот на овој век од Н. Д. Рачев се вели дека за заштита од магии, но и за иницирање живот и здравје на луѓето и добитокот се правело „мамило“. Тоа се правело од варена пченица и пченка кои се носеле во црквата каде што попот им пеел молитва. Потоа дома на сите и на луѓето и на стоката им се давало да каснат по малку, но строго се внимавало ниту едно зрно да не падне на земјата, зашто во спротивно ќе се случела голема несреќа и на луѓето и на добитокот.
 
Стефан Верковиќ запишал дека во с. Мачуково, (Долновардарско) „Спроти Сфити Тодур момите раздават на црквата пшеница и пчиничка бркано, и чис леп. В лебут замесуват една глава лук и сус неа го печат; го извртуве сус се леп, ка ќʼоде на црквата; дупката што ќе се чине на лебут, туруваат пшеница и пчиничка, да напкум сус них зарануват добитоците, а кукешните си апнуваат за здраве“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *