ЈОРДАН – ДАНЕ ЈАНЕВ, АКАДЕМСКИ ВАЈАР ОД ГЕВГЕЛИЈА И ПРАВНУК НА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР, ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ:

WEB Телевизија во живо

„НАШАТА ФАМИЛИЈА ЧУВСТВУВА ГОРДОСТ И РАДОСТ НА ДЕНОТ КОГА Е РОДЕН ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, КОЈ ЧЕСТО ПРЕСТОЈУВАЛ ВО ГЕВГЕЛИЈА, КАДЕ ЖИВЕЕЛ НЕГОВИОТ ЧИЧКО“
 
Ексклузивното интервју во „Вечер“ со Јордан – Дане Јанев, објавено на 17-ти јануари 2022 година, во кое беа откриени, до тогаш непознати факти за македонската јавност, дека во Гевгелија живеел чичкото на Гоце Делчев, и брат на неговиот татко, Никола Делчев, предизвика големи реакции во македонската јавност. По објавувањето на оваа сторија во весникот ВЕЧЕР, господинот Јанев веднаш беше контактиран од д-р Јасмина Дамјановска, авторката на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев што ја подготви Државниот архив и материјалите кои беа испратени од страна на Јордан Јанев доктор Дамјановска ги вклучи во изложбата и во специјалниот каталог направен по тој повод.
 
Во предвечерието на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна македонска држава, го посетивме повторно господинот Јанев, кој ни откри уште некои интересни поединости за трговецот Гоце Делчев, чичко на револуционерот Гоце Делчев, и брат на неговиот татко, Никола Делчев, кој живеел во Гевгелија.
 
„Јас, ни вели Јордан – Дане Јанев, она што го знам за моето потекло и поврзаноста со фамилијата Делчеви, го имам слушано од мојата мајка Тина и мојата тетка Невена. Тие, си го знаеја своето македонско потекло, како и потеклото на нивните баба и дедо, мајка и татко, како и другите нивни роднини.
 
Да потсетам, мојата баба се викаше Анета Делчева, подоцна Димкова-Докурчева. Таа имаше две сестри, постарата, Марија Делчева и помладата, Ирина Делчева. Тие беа ќерки на трговецот од Кукуш, Гоце Делчев и Кита од село Мрзенци. Трговецот Гоце Делчев, кој откупувал овци претежно од селото Мрзенци, пак бил брат на Никола Делчев, таткото на војводата Гоце (Ѓорѓи) Делчев.
 
По притисокот кој го вршеле Грците врз македонското население, многу фамилии од денешна Северна Грција биле принудени да се иселуваат во гевгелискиот, дојранскиот и струмичкиот крај, а голем дел заминувале во Бугарија и некои други земји.
 
Никола Делчев со фамилијата се отселил во Горна Џумаја, а неговиот брат, трговецот Гоце Делчев дошол во Гевгелија каде и живеел се до својата смрт. Тој и неговата жена, Кита почиваат во нашите семејни гробници во Гевгелија, раскажува Јанев.
„Но, вели тој, има една работа која сега за прв пат ќе ви ја кажам, а на тоа ме потсети мојот внук од Скопје Зоран Георгиев, историчар и археолог. Тој ова го слушнал од неговата баба Аспасија, ќерка на Марија Делчева, најголемата ќерка на Гоце Делчев-трговецот, инаку родена 1872 година. Таа му раскажувала дека Делчеви, иако е познато дека живееле во Кукуш, нивните претци потекнувале од селото Мачуково, денешно, по грчки Евзони, кое е на само 5 километри од Граничниот премин Богородица. Од ова село потекнува и прославениот гевгелиски војвода Сава Михајлов, кој соработувал со војводата Гоце Делчев, кој пак често навраќал во гевгелискиот крај и каде лично ги примил првите членови на ВМРО во Гевгелија во пролетта 1895 година.
 
Се надевам, ни вели Јордан – Дане Јанев, по сите овие мои кажувања во весникот „Вечер“ , за чичкото на Гоце Делчев, кој живеел во Гевгелија, за револуционерната фамилија на Андреј Димков Докурчев од Велес, инаку близок соработник на Гоце Делчев и Горно Џумајски војвода, и брат на Јордан Димков Докурчев кој се жени со Анета Делчева, првата братучетка на војводата Гоце Делчев, за мојата мајка Тина, која е крстена по една од сестрите на Гоце војводата, дека, македонските историчари ќе направат дополнителни истражувања со кои уште повеќе ќе го потврдат неспорното македонско потекло на апостолот и срцето на Македонија, Ѓоргија (Гоце ) Делчев.
 
А, јас и мојата фамилија, и денес, со гордост и радост ќе го чествуваме 4 февруари, денот кога пред 151 година се родил големиот син на Македонија и мој близок роднина, војводата Гоце Делчев, порачува на крајот Јордан – Дане Јанев.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *