ИЗМИНАА 55 ГОДИНИ ОД РЕПУБЛИЧКАТА ГИТАРИЈАДА ВО ГЕВГЕЛИЈА

WEB Телевизија во живо

ПОБЕДНИЦИ „ВОДЕНИЧКИ КАМЕЊА“ ОД ГЕВГЕЛИЈА, НАЈДОБРИ СОЛИСТИ ЃОКО ДОНЧЕВ И САШКА ПЕТКОВСКА.
 
Поминаа цели 55 години од онаа јануарска саботна вечер, кога во салата на ДТВ „Партизан„, на 26 јануари 1968 година, под покровителство на весникот „Млад Борец„ и младинската емисија „Јас,ти,ние„ на Радио-телевизија Скопје, се одржа Втората републичка гитаријада. Пред околу 1000 младинци на сцената настапија 14 Вокално инструментални ансамбли од Скопје, Гевгелија, кавадарци, Тетово, Прилеп, Титов Велес, Штип, Струмица, Неготино, Богданци и Валандово. 
 
Во весникот „Млад Борец„ новинарот Сталин Лозановски под наслов „Луда ноќ на висок напон„ покрај другото ќе напише „Скоро цел месец овој малечок град живееше во психоза на вистински висок напон во очекување на гитаријадата и, што е најинтересно, во освојување на првото место на своите миленици „Воденички камења„ . 
 
Сите живееја во очекување, најстарите очекувајќи ги „непотстрижените„ а помладите зборувајќи за своите миленици од неколку фотографии излепени низ градот. Хроничарите на овој град немаат видено толку транспаренти ниту на фудбалски натпревар, а во салата на театарот имаше двојно повеќе публика одошто е нејзиниот капацитет. 
 
Неколку часови салата на „Партизан„ беше арена на вистински „бит партизани„ кои напаѓаа, отстапуваа, се кршеа, скокаа, фрлаа транспаренти, палта, капи и што уште не друго во ритамот на бит музиката.„ Воденички камења„ со својата темпераментна изведба на неколку популарни композиции од Битлси и Ролинг Стоунси покажаа дека во владеењето со своите инструменти отишле најмногу напред. 
 
Тие најпосле успееја да бидат сами на врвот благодарејќи на вокалниот солист и електричниот клавир. На крајот, по настапот на „Лебеди„ од Титов Велес, „Скромни„ од Битола, „Глечери„ од Куманово, „Фаворити„ од Титов Велес, „Тенеси„ од Кочани, „Златни стени„ од Валандово, со вокалистот Јанко Узунов, „Торнадо„ од Гостивар, „Пламени„ од Скопје, „Фантоми„ од Свети Николе, „Сенки„ од Струга, „Младост„ од Кавадарци, „Андромеди„ од Ресен,и се разбира домаќините „Воденички камења„, беа доделени наградите. 
 
Жири комисијата беше во состав: Чедо Јакимовски, уредник на Млад Борец, Диме Јаневски, уредник во ТВ Скопје, Саво Климовски, новинар во Студентски збор (подоцна ќе стане и претседател на Македонското собрание), Александар Попов, наставник по музика и основач на „Распеани гевгеличани„ и познатиот изведувач на хавајски мелодии, Илија Џаџев. 
 
Првото место го освоија домаќините, составот „Воденички камења„, за која ја добија наградата од 1.000 денари , а за најдобри вокални солисти беа прогласени Ѓоко Дончев, од „Воденички камења„ , кој само за таа Гитаријада настапи како нивен член, и Сашка Петковска од ВИС „Скромни„ од Битола. Иако претендираа за фаворити, групата „Златни стени“ од Валандово со солистот Јанко Узунов, останаа без награда.
 
„Организацијата на Гитаријадата во Гевгелија, пишува на насловната страна на „Нова Македонија„ во текстот со наслов „Интересирањето за бит музиката не е случајно„, беше на висина. Пофалби заслужуваат, покрај ВИС „Воденички камења„ и КУД „Јосиф Јосифовски„, Радио Гевгелија, и Младинската организација, кои вложија голем труд за нормалното и успешно одвивање на гитаријадата.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *