Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Православната нова година, која почнува утре на празникот Василица.
Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.
Според обичаите, за Василица семејството се собира на трпеза и се крши погача или пита со паричка. Симболиката на паричката е дека на оној што ќе му падне, ќе има среќна и бериќетна година. Лепчето или питата со паричка во него, наречена и василопита, се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за Свети Василиј Велики. Понатаму, лепчето се разделува на присутните. Оној што ќе ја најде паричката го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година.
Свети Василиј Велики е еден од најголемите Отци на Црквата Христова низ вековите. Се родил во 330 година во Неокесарија, во Понт, од татко Василиј и мајка Емилија, кои двајцата потекнувале од познати и богати фамилии. Најголемото образование го стекнал во Атина каде ја изучувал филозофијата, дијалектиката, реториката, астрономијата, па дури и медицината. Есента 370 година станал епискот на Кесарија
Токму во времето кога Василиј станал Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓал, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, Свети Василиј го пречекал и му го понуди богатството. Епархот се изненадил и по некое чудо се засрамил, така што одбил било што да земе, ниту пак го ограбил градот. Никогаш повеќе не се вратил, ниту пак им досадувал на верниците од градот.
Но, таквиот расплет на настаните го оставил Свети Василиј со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер, не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш, просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите ставил нешто накит и златници. На денот на Новата година, кога сите луѓе доаѓале в црква, Василиј на секого му дал по едно лепче. Така, секој добил по нешто од богатството кое било наменето за насилникот. Една легенда вели и дека секој во лепчето си го добил она што претходно го дал, но тоа, се разбира, не е точно.
Таа Нова година по стариот календар, јулијанскиот, во денешно време е 14 јануари. Лепчето или питата со паричка се врти вечерта пред Новата година, односно на 13-ти, или пак дента на Новата година, за ручек на 14-ти.