ВАСКА ИЛИЕВА, ДИРЕКТОРКА НА ЦЕНТАРОТ ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА ГЕВГЕЛИЈА:
„ЗНАЧИТЕЛНО Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, ПОЛОВИНА ОД СТОРИТЕЛИТЕ СЕ ЗАВИСНИЦИ ОД АЛКОХОЛ И ДРОГА“
Семејното насилство претставува сериозен општествен проблем кој во последно време, најпрво со ковид пандемијата а сега и со економската криза, предизвикува загриженост со својата застапеност во македонското општество. Според истражувањата, секоја втора жена во државата е жртва на психолошко насилство, секоја петта жена се соочува со одредена форма на физичко насилство, додека сексуалното насилство помеѓу двајца партнери сè уште е табу тема за која ретко се разговара .
Според социолозите и психолозите, основна причина за појавата на семејно насилство е прифатеноста на патријархалните вредности и подредената улога на жената во однос на мажот во бракот и во семејството. Во 2021 година, во Македонија се бележи зголемување на бројот на кривичните дела при семејно насилство, односно регистрирани се 1.056 кривични дела од оваа област.
И на територијата на Општина Гевгелија, семејното насилство е во пораст.На почетокот на септември, беше извршено семејно насилство, кога во центарот на Гевгелија, маж телесно повреди жена со која претходно живеел во вонбрачна заедница и со која има две малолетни деца. Ова беше доволен повод за разговор со директорката на Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Гевгелија, Васка Илиева.
– Директорке, како ја оценувате ситуацијата со семејното насилство во Општина Гевгелија?
„Жртвите на семејно насилство се особено ранлива категорија и во последниот период, морам да констатирам дека значително е зголемен бројот на пријави од оваа категорија, вели директорката Илиева. Така, само до септември месец оваа, 2022 година во Центарот имаме пријавено 27 жртви на семејно насилство. На годишно ниво, во Општина Гевгелија, од евидентираните сторители на семејно насилство и други дела речиси 50 проценти се зависници од дрога и алкохол. Инаку под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема: – брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство; – поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со посвојувањето и старателството; – браќа и сестри, полубраќа и полусестри; – постарите членови во семејството или заедничкото домаќинство; – лица – членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност е делумно или целосно одземена. “
– Кој е најчесто жртва на семејното насилство?
„Според Годишниот извештај на МВР за 2021 година, вообичаено жртви на семејно насилство се жени, во 77 проценти, а во однос на роднинската врска со сторителите во 38,5 проценти како жртви на семејно насилство се јавува сопругата. Понатаму при 18 проценти од кривичните дела жртви се родителитеа во 10, 5 проценти жртви се децата. Но, има и случаи кога еден од родителите, најчесто мајката, е жртва на семејно насилство од страна на своите синови. Најголемиот дел на случаи се пријавени од жени, а потоа од мажи и деца, Според анализата, 78 посто од сторителите се евидентирани дека се жители на урбаното подрачје, додека 22 посто на руралното подрачје, поради што сепретпоставува дека бројката е двојно поголема бидејки жените од руралните средини сѐ уште се срамат да пријават било каков вид на семејно насилство.
– Кои мерки ги презема вашиот Центар во случај на семејно насилство?
„Центарот за социјална работа ги презема следниве мерки за заштита на жртвите: сместување во центар за лица – жртви на семејно насилство; соодветна здравствена заштита; соодветна психо – социјална интервенција и третман; психо – социјален третман во советувалиште; помош на семејството за редовно школување на дете; правна помош и застапување, и економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот. Во оваа насока би ја потенцирала добрата соработка со МВР, Основен суд и ЈУ МЦСР Гевгелија во навременото и ефикасно постапување согласно Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Прва инстанца се Центрите за социјална работа или полицијата кои се должни да постапат, а судот во рок од 24 часа, носи одлука согласно констатираниот полициски извештај.
Морам да напоменам дека единствен услов за целосно зацелување на жртвата на семејно насилство е, прво оттргнување од средината каде има насилство, а потоа и вклучување на двете страни во соодветен психосоцијален третман, за жртви, односно за сторители. И во двата случаи, без разлика дали сторителот ќе се вклучи и ќе покаже подготвеност за промена, жената-жртва треба да работи на јакнење на самоподдршката, преку искористување на сите ресурси кои се овозможени од нашиот Центар.“
– Дали жените се плашат да го пријават насилството кое се врши врз нив?
„Според последното истражување во Македонија, се покажа дека 42 проценти на жени кои се жртви на семејно насилство, поради фактот дека немаат финансиски можности, немаат имот или немаат поддршка од блиските, или не ја напуштаат средина каде се подложени на насилство, или ја напуштаат па пак се враќаат. Исто така, врз колебањето за пријавување на насилство влијаат и предрасудите на општеството, озборувањето на луѓето, покажувањето со прст, а во помалите средини ова е уште поизразено бидејќи сите се познаваат меѓусебно. Загрижувачко е високото ниво на недоверба во институциите, што не секогаш е оправдано. Мислам дека главниот проблем на жртвите на семејно насилство е, како прво, нивната психолошка состојба, потоа нивната финансиска состојба и правната помош која треба да им се дава.“
-Кој е во моментот најголемиот проблем на Центарот во однос на постапувањето со жртвите на семејно насилство?
„Може слободно да кажам дека најгорлив проблем ни претставува ургентното згрижување на жртвите веднаш штом се случи насилство, односно немањето соодветно место т.н „сигурни куќи“ или шелтер центар. Затоа, сметам дека неопходно е да се изнајде начин во соработка со Локалната Самоуправа да се обезбеди соодветен простор за времено и ургентно сместување на жртви на семејното насилство. Тоа би можело да се регулира и со меѓуопштинска соработка, бидејќи и останатите општини во Југоистокот имаат потреба од вакво засолниште. Да потсетам само дека, според Истанбулската конвенција, на секој 10 илјади жители би требало да има едно засолниште.
Исто така кај оние жртви кои се невработени проблем е нивно активирање на пазарот на труд, односно наоѓање работно место. Многу често економската зависност ги тера овие жртви и да не го пријават насилството, а и кога ќе пријават не даваат согласност да се води судска постапка токму поради економската зависност. “
– На крајот, која би била вашата порака кон сите идни жртви на семејно насилство?
„ Општина Гевгелија во соработка со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на Општина Гевгелија и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија, пред една недела се приклучија во глобалната Кампања „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“. За таа цел, на јавните места, информативните табли и локалните институции во Гевгелија беа залепени транспаренти со пораки за подигање на свеста и можноста за спречување на семејно насилство врз жената, но и спречување на семејно насилство воопшто, и врз мажите и децата, кои се и мои пораки, :
– Ниту една жена, ниту еден маж и ниту едно дете не треба да се почувствуваат небезбедно, загрозено и несигурно во својот дом! Потсети се на ова и спречи семејно насилство!
– Никој не треба да трпи семејно насилство! Потсети се на ова и пријави семејно насилство!
-Не сте силни ако ја покажувате својата сила кон послабите! Потсети се на ова и спречи семејно насилство!
– Не дозволувај твојот близок да биде жртва на семејно насилство! Потсети се на ова и спречи семејно насилство!
– И негрижата за старите и изнемоштени лица во семејството се смета за семејно насилство! Потсети се на ова и спречи семејно насилство! “

Прегледи: 305