ЕПИДЕМИОЛОГ Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ:

ИМАМЕ СТАБИЛНА ЕПИДЕМИОЛОШКА СИТУАЦИЈА СО КОВИД-19 И СО ГРИПОТ. ЗГОЛЕМЕН Е ИНТЕРЕСОТ ЗА ВАКЦИНАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИОТ ГРИП!
 
Со доаѓањето на постудените денови вирусите полесно се шират, а аеросолите остануваат подолго во воздухот доколку тој е сув поради загревањето. Покрај тоа, нашата слузница е сува во зима, што оди во прилог на ширењето на вирусите. Ова беше повод да поразговараме со епидемиологот д-р Сашко Олумчев од Центарот за јавно здравје Велес, Подрачна единица Гевгелија.
 
– Докторе, каква е моменталната епидемиолошка ситуација во однос на грипот и Ковид-19 во Југоисточниот регион и на територијата на Република Македонија?
 
„ Параметрите кои ги имаме од еден епидемиолошки аспект, а тоа се моменталните бројки од 174 заболени од грип и 172 од Ковид-19 укажуваат на една стабилна епидемиолошка ситуација. Бројките на заболени од ковид се мали, симптоматологијата е толку минорна, што некои луѓе дури и не ја забележуваат. Тоа е така, затоа што сеуште доминира омикрон сојот кој постојано го стимулира имуниот систем на организмот кој одржува едно постојано ниво на антитела.
Грипот од друга страна, кој практично го немавме во претходните две зими, поради пандемијата со коронавирусот, сега за сега е во мирување, на ниво на Југоистокот нема пријавено заболени од грип, додека во државата таа бројка е 174 лица. Сметам дека и оваа зима нема да имаме поголеми проблеми со сезонскиот грип, оваа година вакцинацијата започна на време, имаме голем интерес кај возрасната популација и хронично болните за вакцинирање, и во Гевгелија и во Македонија, што е за поздравување. До денес, кај нас, во Гевгелија имаме за 20 проценти повеќе аплицирано вакцини против грип од лани, таа бројка е 1450, а и сеуште имаме интерес за вакцинирање преку Мој термин. Кампањата продолжува и во наредниот период, се додека не се потрошат залихите од 52.000 вакцини, а доколку има интерес, секако Министерството за здравство очекуваме да набави и нови залихи. Сето ова укажува дека ќе имаме солидна основа за создавање на еден колективен имунитет и против сезонскиот грип, кој се разбира се градел сите изминати години, така да сметам дека оваа зима ќе имаме просечна сезона на грип, како и пред пандемијата.
Имаме зголемен број на заболени во овој период кај помладата популација, децата, и во Гевгелија и во Македонија, што е разбирливо, со оглед на тоа што во изминатите две години тие немаа контакт со грипот поради изолацијата. Затоа кај нив не се разви доволно имунитет и сега не се толку отпорни на заразата, како да го „плаќаат“ долгот на долгиот период на изолација. Кога на тоа ќе се додаде и времето кое беше топло, влажно, а сега и со магли, тогаш е јасно зошто имаме зголемен број на хоспитализирани деца.“
 
– Дали може да очекуваме спојување на сезонскиот грип и омикрон вирусот?
 
„Не сметам на двоен бран на инфекции, поради моменталната доминантна варијанта на ковид-19 – омикрон, кај која инфекцијата обично нема тешки симптоми, освен доколку не се јави некоја посилна подваријанта, во што лично не верувам. И да дојде до некакво спојување не очекувам двојна инфекција поради постоењето на основниот имунитет на населението кај нас создаден со вакцинација или прележување. Тоа е една одлична одбрана која не би дозволила ситуацијата да ескалира до тој степен да порасне толку бројјот на заболени што би предизвикало преполнување на болничките капацитети.
 
-Каква е ситуацијата со морбилите, односно малите сипаници?
 
„Тука сум мошне резигниран и се плашам и оваа година, како во 2019, да не ни се случи епидемија на морбили. Имено, веќе неколку години имаме постојан пад на интересот за вакцинација на малите деца со МРП вакцината која се должи на една перманентна антиваксерска кампања поради шпекулациите дека оваа вакцина наводно предизвикува појава на аутизам кај децата, тврдење кое не е поткрепено си никаква валидна студија. Ако продолжи и понатаму да опаѓа интересот за вакцинацијата против морбилите може да се случи нова епидемија на морбили не само кај нас туку и во светски рамки. Ние, како општина сме добри во поглед на опфатеноста на децата со оваа вакцина, таа бројка е 90 проценти од децата кои се вакцинирани, но на ниво на Македонија бројката е очајна, изнесува само 70 проценти. Така да , апелирам на сите здравствени работници да продолжиме со едуцирање на родителите и спроведување на кампањи, како би го подигнале тој процент, кој треба да изнесува стандардно 95 проценти“, предупредува доктор Олумчев.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *