СО МНОЗИНСТВО ГЛАСОВИ, СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА ДОНЕСЕ ПРЕПОРАКА ДО МИНИСТЕРКАТА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

Со девет гласови за, на вчерашната, 19-та седница , Советот на Општина Гевгелија, по расправата по точката на Дневниот ред а во врска со случувањата и информацијата со несаканиот настан во ЈОУДГ „Детска Радост“ од Гевгелија донесе Препорака до министерката за труд и социјална политика во која стои :
 
1. Министерката за труд и социјална политика да ја разреши Директорката на ЈОУДГ „Детска радост“-Гевгелија од функцијата Директор поради нестручно и несовесно работење
 
2. Министерката за труд и социјална политика да ја врати надлежноста на Советот на Општина Гевгелија и на Градоначалникот на Општина Гевгелија во делот на донесување на годишна завршна сметка на ЈОУДГ „Детска радост“ – Гевгелија, одземена со Решениебр.16-3102/1 од 07.04.2022 година.
 
3. Министерката за труд и социјална политика да ја врати надлежноста на Градоначалникот на Општина Гевгелија во делот за избор на кандидат предложен од Управниот одбор за директор на ЈОУДГ „Детска радост“-Гевгелија, одземени со Решение ИП1 16-4733/33 од 27.06.2022 година
 
4. Министерката за труд и социјална политика да ја врати надлежноста на Советот на Општина Гевгелија во делот за именување и разрешување на претставници од родители на деца згрижени во ЈОУДГ „Детска радост“-Гевгелија во Управниот одбор на ЈОУГД „Детска радост“-Гевгелија, одземени со Решение ИП1 16-559/3, од 01.11.2022 година.
 
5. Оваа Препорака влегува во сила со денот на објавувањето во Службениот гласник на Општина Гевгелија и истата ќе биде доставена до Министерката за труд и социјална политика
Имено, на самата седница усмена информација за немилиот настан образложи предлагачот на оваа точка од Дневниот ред, советничката од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Елена Хаџи Николова. Таа напомена дека ја предложила оваа точка поради тоа што последниот немил настан во ЈОУДГ „Детска радост-Гевгелија“ е само еден во низата немили настани кои се имаат случено во оваа институција последните години, за кои, според неа, никој не бил земен на одговорност.
 
Во дискусијата по оваа точка, советниците од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека Советот на Општина Гевгелија, како основач на ЈОУДГ „Детска радост“-Гевгелија треба да дискутира за овој настан и да бара одговорност од сите оние кои придонеле да дојде до него. Само со брза интервенција и смена на директорката, според нив, ќе се спречат вакви слични настани во иднина, и ќе се врати, кај граѓаните, довербата во оваа институција.
 
Од друга страна, советниците од СДСМ, како и советникот од ЛДП во своите дискусии истакнаа дека и тие се за тоа да се дискутира за овој немил настан со 10-месечното дете, но тоа да биде на дневен ред на наредната седница, откако ќе бидат познати резултатите од сите релевантни институции, инспекцискиот надзор од страна на МТСП, МВР, како и од Дисциплинската постапка која е превземена од страна на Директорот на ЈОУДГ „Детска Радост“-Гевгелија. Според нив, сите оние кои имаат било каква одговорност во овој случај треба да одговараат, но не треба здравствената ситуација на децата да се става во дневно политички цели.
 
Градоначалникот Андон Сарамандов во својата дискусија беше дециден дека овој настан во никој случај не смее да биде минимизиран, а според него неприфатлив е Извештајот од извршената вонредна контрола од страна на Министерството за труд и социјална политика во кој се вели дека детето е повредено во „детска игра“. Одговорност, рече тој, мора да има, а тоа е смена на Директорката на ЈОУДГ „Детска радост“-Гевгелија, која, рече тој, се обидела да го прикрие овој настан но и одговорност од сите инволвирани во настанот, бидејќи е неприфатливо вработените во градинката да ги оставаат децата подолго време без надзор.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *