ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ХРВАТСКА ЈА ОДБЕЛЕЖА 83 ГОДИШНИНАТА ОД ИЗДАВАЊЕТО НА ЗБИРКАТА “БЕЛИ МУГРИ” НА КОЧО РАЦИН

Вчера, 19 ноември 2022 година, во Самобор, Хрватска – Заедницата на Македонците и Македонското културно друштво “Охридски бисер ја одржаа традиционалната културна манифестација “Рацинов ден” со која се одбележа 83 годишнината од издавањето на збирката поезија на македонскиот поет Кочо Рацин – “Бели мугри”.
Кочо Рацин е роден како Коста Солев Рацин, се смета за основоположник на модерната македонска книжевност.
 
Неговата збирка песни ” Бели мугри” е едно од најзначајните поетски дела на современата македонска книжевност, илегално отпечатен во 1939 година во самоборската печатница “Шпулер”. Збирката песни денес се чува во Самоборскиот музеј.
Манифестацијата “Рацинов ден” е потсетник на нераскинливата врска помеѓу Хрватска и Македонија, првенствено на Самобор и Велес во кој е роден Кочо Рацин, а со кој Самобор е збратимен град.
 
Заедничкото дружење на Македонците во Самобор почна пред Самоборскиот музеј, покрај бистата на македонскиот поет Кочо Рацин, каде што свежо цвеќе положија претставници на Заедницата на Македонците во Хрватска, амбасадата на Македонија во Хрватска, Советот на македонското национално малцинство, Македонскиот културно-информативен центар во Загреб и претставници на македонските културни друштва во Хрватска. Во име на градот Самобор, венец положи претседателот на самоборскиот градски совет, Миран Шоиќ.
 
Дружбата продолжи во Самоборскиот музеј каде срдечно добредојде на пријателите Македонци им посака кустос Гордана Ремуссини, а во име на градот Самобор, претседателот на градскиот совет Миран Шоиќ, кој изрази задоволство од долгогодишното одржување на културната манифестација “Рацинов ден”, со што се потсетува на нераскинливата врска помеѓу Хрватскиот и Македонскиот народ.
Присутните ги поздравија македонскиот амбасадор Миљаим Фетаи и претседателката на Македонското културно друштво “Охридски бисер”, Виолета Штерјова.
 
Амбасадорот Миљаим Фетаи се заблагодари на градот Самобор за гостопримството, нагласувајќи ја важноста на оваа манифестација, бидејќи со неа се негува и развива пријателството на двата народа и на двете држави Македонија и Хрватска.
– Печатењето на книгата “Бели мугри” е симбол на нераскинливото пријателство, бидејќи нашите народи и држави беа еден до друг кога беше најтешко. Важно е оваа манифестација да ја продолжат и идните генерации, – рече македонскиот амбасадор и се заблагодари на државата Хрватска која им овозможи на Македонците кои живеат во Хрватска да ја негуваат својата култура и традиции.
 
За ликот и делото на Кочо Рацин и значењето на збирката “Бели мугри” говореше историчарот Горан Киров, а во културно-уметничкиот дел од програмата, поезија и рецитации на Кочо Рацин читаа учениците од школите во Хрватска во кои настава посетуваат деца од македонско потекло по моделот Ц.
 
Македонски песни, под диригентство на Сафиудин Алимоски, отпеаја членовите на хорот “Моми бисерни” кои делуваат под покровителство на Македонското културно друштво “Охридски бисер”.
Покровители на културната манифестација “Рацинов ден” беа Советот за националните малцинства на Република Хрватска, Самоборскиот музеј и Македонскиот културно-информативен центар во Загреб.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *