Над 900 точкаџии, од најмлада до највозрасна генерација, викендов ги „јавнаа“ своите точаци и докажаа по трет пат дека Гевгелија е град кој е идеален за ова превозно средство, бидејќи нели, Гевгелија е „рамна ко тепсија.“ Најмладите имаа по 6 години, додека највозрасни беа, се разбира пензионерите.
Сепак „титулата“ нај, нај млад точкаџија што се појави на стартот, беше Мартин Тодоров, кој има точно 2 години и 4 месеци. Тој возеше специјален „олд тајмер“ детски велосипед, за кој неговите родители ни кажаа дека е стар повеќе од 50 години.
Интересно, точакот е донесен во Гевгелија, како подарок во фамилијата на мајката на Мартин, Верица, од „далечната“ Битола. Верица ни објасни дека на овој точак се учеле да возат многу генерации од нејзината поблиска фамилија. Иако Мартин има и други точаци, сепак, вели Верица, на Мартин, токму овој му е најомилен.
И, навистина, кога ќе помине покрај вас, со овој точак, забележувате кај него една среќна насмевка, што покажува колку е радосен и задоволен што го вози.
На неделното велосипедско дефиле во Гевгелија, учествуваа и сестрата на Мартин, Ана, заедно со неговиот татко Горан. Мајката Верица не учествуваше бидејќи остана да ги пречека на финишот.
Инаку, организаторот, Здружението на граѓани „Чејнџмејкерс“,може да биде задоволен од одзивот на овој настан, чија цел е да ја подигне свеста на гевгеличани дека не треба секогаш, и за најмало растојание да седнуваме во автомобилите.
Еден од точкаџиите, задоволен од настанот ќе напише на својот фејсбук профил, на чист гевгелиски дијалект:
„Здраво на сите. Как шо а глејте сликта подоле, ќе забелејште оти сите на сликта са среќни, исплнани со радост, со гордост… На настанут са појавија околу 1000 учесници, од кои шо имше деца од 3 години па се до 55-60 годишни луѓе. Сите на сликта изгледат исплнани, исплнани со радост, среќа, гордост.
Паа оти да не биде секој ден кути 13-ти, сите да бидме среќни, радосни. Сите ние да го користиме точкут кути превозно средство, да одме на работа, на школо, на кафе, да го користиме почесто. Место дома да стое, да бере пршина, може, ако не секој ден, ама прекуден кога е убаво времто да го правме тоа. Гевгелија е малечко градче шо дека и да сакиш да одиш, повеќе од 10 минути вртејне не ти требе. Со тоа и ќе си одржавме некаква фитнес линија, нели во мода е тоа сеа. Нека биде секој ден 13-ти. Сите среќни, весели, помалце коли и бучава низ улицте, а и здрави и енергични луѓе. Поздрав и убав ден на сите“