„Знам дека на издржливоста личам на мајка ми, а на пргавоста и работливоста на Мисиркови“, ги помнам нејзините зборови, додека ми одбираше книга за читање во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, која се наоѓаше во бараки зад „Железничката колонија“, во близина на Униварзалната сала.
Тетка Ката, како што ја викавме ние, „клинците“ од улицата „29 Ноември“, беше жената која во мене, како мал ми ја всади љубовта кон читањето. Неа повеќе ја нема, но кај мене, љубовта кон убавиот пишан збор сеуште е присутна.
Тетка Ката, раскажувач, романсиер, поет, драмски писател е родена на 14 септември 1930 година во с. Постол, Ениџе Вардар, Егејска Македонија. Нејзиниот прадедо е Крсте Петков Мисирков.
Таа зад себе остави богат творечки опус како романсиер, раскажувач, поет и драмски писател. Член на Друштвото на писателите на Македонија беше од 1966 година. Работниот век го завршила како библиотекар во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Таа е автор на повеќе од 40 дела, меѓу кои: романите – „Жешка земја“, „Големите атови“, „Пранги“, „Длабокиот рез“, „Милосија“; книгите раскази: „Мајка Которичанка“, „Записи за Пела“, „Илинденски раскази“ и стихозбирките – „Скаменета солза“, „Плач пред ѕидот“ и „Белегзија“.Автор е на ТВ драмите: Крепост, Одлука, Средба, Вознес на душата, на монодрамите: Мајка Которичанка, Малина Поп Иванова, Гоце Делчев, Султана, како и на над шеесетина радио драми за возрасни и деца.
Почина на денешен ден, 2012 година во Скопје.