ТОДОР АНЧЕВ И АНГЕЛ ДЕЛИЌ ЌЕ ГО ТРЧААТ 15-ОТ УЛТРАМАРАТОН ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ ОД НОВА ГРАДИШКА ДО КРУШЕВО

Тринаесет ултрамаратонции од цела Македонија, меѓу кои се и гевгеличаните Тодор Анчев и Ангел Делиќ, денес пристигнаа во Загреб, Република Хрватска. 
 
Во организација на Град Нова Градишка, Туристичкиот одбор на Град Нова Градишка, од Хрватска страна и Националната установа Спомен домот на Тоше Проески и техничкиот организатор Наум Капрически, од Македонска страна, оваа година ќе се трча 15-от ултрамаратон „Спомен за Тоше Проески“, од Нова Градишка до Крушево, а по повод одбележувањето на петнаесетгодишнината од смртта на популарниот македонски пејач Тоше Проески, голем музичар, хуманитарец, морален идол на младите, човекот кој ги обедини Хрватска и Македонија. Тој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка додека патуваше за Загреб.
 
Откако се сместија во хостел, македонските ултрамаратонци ја посетија Македонската православна црква во Загреб, Света Злата Мегленска, а попладне ќе имаат средба и со амбасадорот во Република Хрватска, Милаим Фетаи, како и со Заедницата на Македонците во Хрватска.
Утре, петок, на 14 октомври, во 16,30 часот, од пред споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, Наум Капрически, Никола Ѓелов, Фидан Арсовски, Јангел Малинов, Тодор Анчев, Филип Филиповски, Александар Митревски, Дејан Ангеловски, Велко Лозаноски, Филип Василевски, Ангел Делиќ, Дарко Јованов и Димитар Ристовски, ќе го започнат ултрамаратонот од Нова Градишка до Крушево, долг 900 километри.
 
Од Загреб, пред утрешниот старт на ултрамаратонот, специјално за нашиот медиум еве што ни изјавија накратко, гевгеличанецот Тодор Анчев и техничкиот организатор Наум Капрически :
 
„Да се биде дел од ваков настан за мене е од непроценливо искуство. Веќе неколку години сум учесник на овој ултрамаратон, и може да кажам дека деновите поминати во трчање со останатите маратонци се денови кои остануваат за секогаш во сеќавање, по позитивниот дух кој владее меѓу нас, и по неизмерна љубов кон ликот и делото на Тоше која им дава енергија на сите маратонци да истрчаат до крајната цел“, изјави Тодор Анчев.
 
Организаторот пак и предводник на маратонот, Наум Капрически, ни изјави дека е почестен што и по 15-ти пат да го предводам ултрамаратонот во чест на Тоше Проески, од Нова Градишка, Хрватска, до Крушево, Македонија, од 14 до 16 октомври.
 
„И оваа година, овој ултрамаратон е во организација на Националната установа спомен-куќата „Тодор Проески“, а довербата повторно ми е укажана мене, на што сум многу горд. Заедно со другите маратонци и сите што нѐ поддржуваат, меѓу кои е и Агенцијата за млади и спорт, Заедницата на македонци во град Загреб, како и многу компании кои се наши помагатели, наша обврска е ликот и делото на Тоше да продолжиме да ги чуваме и негуваме за навек. Проески, момчето со најмоќниот глас во светот, најголемиот хуманитарец, амбасадор на УНИЦЕФ, најомилениот лик на Балканот, кој беше на чекор до светска кариера, вечно ќе остане во нашите срца – вели Капричевски.
 
„Не сакам да ми ја симнувате капата, сакам само да се гордеете со мене“, овие зборови на нашиот Тоше засекогаш се врежани во срцата на сите оние што имале привилегија да го запознаат лично Тоше, додека неговото „Ве сакам сите“ ќе биде водилка на сите нас, тринаесет маратонци, низ целиот пат од Нова Градишка до Крушево, заврши Капрически.
Како што ни соопштија и двајцата, во Крушево е планирано да се пристигне во недела, на 16 октомври, во 12 часот, каде што се очекува крушевчани и овој пат да ги пречекаат маратонците со рози за Тоше и да ги испратат до неговото вечно почивалиште на Гумење.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *