ПРОМОЦИЈА НА ПРВАТА КНИГА ЗА ЕСЕИСТИКА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ – „ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА“

„ИДНИНАТА НИКАКО ДА ДОЈДЕ, МИНАТОТО НИКАКО ДА СИ ОТИДЕ, А НИЕ ОВДЕ ГЛУМИМЕ СЕГАШНОСТ “,
 
Просторот околу „Клупата на Горан Стефановски“ во Дебар Маало беше претесен за да ги собере сите присутни на промоцијата на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, објавена по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски автор и есеист. 
 
Универзитетски професори, писатели, актери, режисери, продуценти, ликовни уметници, бизнисмени, политичари, новинари и активисти на граѓанскиот сектор, но најважно – бројни почитувачи на делото на Стефановски дојдоа да го поздрават објавувањето на книгата на Антоновски, кој е прва во која детално се анализира и вреднува неговото есеистичко творештво. 
 
Книгата на Антоновски е оценета како исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура, а присутните во долга редица чекаа за да дојдат до својот примерок.
 
– Oва е првиот системски и систематизирачки пристап кон есеистичкиот опус на Горан Стефановски, обезбедувајќи го неопходното формално-критичко вреднување на еден заокружен корпус којшто е неформално валоризиран преку цитатното сеприсуство во дигиталниот и во културниот простор. 
 
Следствено, тоа е значаен влог и во рамките на она што авторот Антоновски го именува како горанологија, истакна во промотивната беседа, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова.
 
– „Идентитетот е приказна“ не е само книга во којашто се толкува есеистичкиот корпус на еден исклучителен и автентичен интелектуалец. Тоа е и книжевно-научна студија во вистинската смисла на зборот која проникливо, аналитично, аргументирано, но и полемички ги нотира актуелните состојби во книжевната наука, вклучително и македонската, давајќи конкретни предлози за понатамошни истражувања и во однос на есејот, вклучително и македонскиот, и во однос на есеистичкиот опус на Стефановски, нагласи Ѓорѓиева-Димова.
 
Меѓу другото, на промоцијата беше прочитан и освртот за оваа значајна книга од универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар, Венко Андоновски, во кој тој нагласува дека конечно се случи едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика.
– Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски – истакнува Андоновски во освртот.
 
Во завршницата на настанот, пред многубројните присутни се обрати и авторот на „Идентитетот е приказна“, Иван Антоновски.
 
– Она што како чувство за идентитет се носи во срцето не се чисти метафори, туку се обврски, ни порачуваше Горан. Затоа што идентитетот е приказна, но и работа и одговорност! Да се исчитаат неговите есеи беше и е обврска кон македонската книжевност и култура, посочи младиот, но докажан и искусен автор, Антоновски.
 
По промоцијата, дури во долга редица присутните го чекаа својот примерок од „Идентитетот е приказна“ имаше и дружење со споделување спомени за Стефановски и коментирање за неговите есеи, овозможено од винарската визба „Тиквеш“ како поддржувач на настанот. Притоа, присутните можеа да слушнат и дел од пораките на Стефановски за идентитетот и слободата, но и познатите мелодии зад кои со текст стоеше токму тој.
 
Инаку, книгата „Идентитетот е приказна“ е објавена од издавачката куќа „Полица“, во соработка со Здружението за промоција и сочувување на културното наследство на Горан Стефановски, а како проект од национален интерес во културата за 2022 година, изданието, финансиски е поддржано од Министерството за култура.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *