Вечерва во 20 часот, во Мала станица ќе се отвори годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
Оваа година учествуваат 55 автори-членови на ДЛУМ, кои се претставуваат во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.
На отворањето, Друштвото ќе ги додели наградите за сликарство, скулптура, графика и за нови медиуми.
Меѓу авторите чии дела ќе бидат изложени, се најде и гевгелиската ликовна уметница, магистер Мирјана Крстева Массети, која е членка на ДЛУМ од 2010 година. На оваа изложба таа се претставува со делото „9173„, кое самата авторка го именува како едно огледално сеќавање.
Несомнено дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставува голем културен настан во нашата средина, велат од ДЛУМ.
Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па се до денес.
Друштвото за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност ја организира оваа ревијална изложба.
Впрочем, на тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ всушност станува арбитар за себеси, а истовремено ја превзема и целата одговорност и ризик на излагањето.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерство за култура.
ЛУМ има за цел афирмација на македонските ликовни уметници на домашната и интернационалната ликовна сцена.