Теарце му негово рождение,
Пречиста и Хиландар посрижение,
Лешок му е негоо воспитание,
Македонската православна црква-Охридска архиепископија викендов ќе изврши канонизација за светител на игуменот лешочки и народен просветител Кирил Пејчиновиќ како Свети Преподобен Кирил Лешочки. Канонизацијата ќе се изврши денеска и утре во Лешочкиот манастир и во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“.
Роден е во село Теарце, Тетовско, а учел црковно училиште во манастирот Св. Пречиста Кичевска и Хиландар на Света Гора. Целото семејство било верски настроено, па татко му и чичко му го продале имотот во Теарце и заедно со Кирил отишле во Хиландар каде се закалуѓериле. Тие останале таму, а Кирил се вратил и работел во Марковиот манастир, близу Скопје. Тука го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека.
Во Марковиот манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години. Отворил манастирско училиште и се истакнал како активен проповедник и просветител на населението. Тука ја напишал својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година.
Во 1818 година дошол во родниот крај, во селото Лешок и го обновил манастирот Св. Атанасија. Во манастирските конаци отворил училиште, каде поучувал и млади и стари. И тука ја збогатил и уредил библиотеката.
Во слободните часови пишувал. Освен „Огледало“, тој ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“ кој е врежан на неговата надгробна плоча.
Починал 1845 година и е погребан во дворот на Лешочкиот манастир (Св. Атанасија).
Како што соопштуваат од МПЦ, во рамките на литургијата на која Кирил Пејчиновиќ ќе се прогласи за светец, верниците ќе имаат можност и да се поклонат на неговите мошти.