Целта на овој проект кој ќе го спроведува Здружението на граѓани „Чејнџмејкерс“, поддржано од Civica Mobilitas , и во соработка со ЈПКД „Комуналец“ од Гевгелија е да се рециклира и управува со отпадот во самите домаќинства, со тоа што ќе се одвојува биоразградливиот, органски отпад од сиот останат отпад и негова преработка во висококвалитетно ѓубриво, компост, односно хумус. Со ова, велат од здружението, ќе се намали отпадот кој се упатува кон депониите а кој ја загадуваат почвата, воздухот и водата.
За таа цел, на Градскиот пазар во Гевгелија беше одржана промотивна трибина, на која членови на ЗГ „Чејнџмејкерс“, пред граѓаните го презентираа проектот за одржливо постапување со отпадот на територија на Општина Гевгелија.
За прв пат во Македонија, беше кажано на трибината, во Општина Гевгелија ќе се започне со безбедно постапување со храната и животната средина во секое домаќинство. Првично, домаќинствата во определен реон во градот Гевгелија ќе добијат бесплатно кофа за собирање на биоразградливиот отпад, негово одвојување од сиот останат отпад во домаќинствата и подоцна негова преработка во висококвалитетно ѓубриво, компост, односно хумус.
Веќе подолг период, укажуваат од здружението, висококвалитетниот хумус (компост) се увезува од странство, по просечна цена која надминува 10 денари за еден литар, иако овој производ може да се произведува локално, а да се продава и локално а и во државата, но и во странство.
Неопходно е да се справиме со проблемите кои ги создава неправилното постапување со отпадот, велат носителите на проектот. Загадувањето на животната средина кое тоа го предизвикува, директното влијание врз здравјето на луѓе кои дури не се ни свесни за тоа. Од друга страна правилното постапување со отпадот носи многу придобивки: Придобивките од преработката на отпадот со метода на селекција и на одвојување од него на сите компоненти кои што можат повторно да бидат употребени ќе бидат значителни.
Одржливото постапување со отпадот е важно за да се намали количината на отпад којашто секојдневно ја создаваме, а сѐ со цел да се намали негативното влијание врз животната средина. Земјата располага со ограничени ресурси. Наша должност е да ги користиме и да управуваме со нив така што и наредните генерации ќе имаат можност да ги користат.
Комуналниот отпад претставува голем проблем, којшто неселектиран завршува на депониите и како таков претставува опасност, потенцијален извор на зарази, загадување и пожари. Во источна Европа, најголем дел од комуналниот отпад, од 40-60% отпаѓа на органскиот отпад, околу 20% е хартија, 7% пластика, 6% стакло, 1% метал, 13% останато. Значи, околу половина од комуналниот отпад кој секојдневно го создаваме може да се преработи и да се добие хумус преку процесот на компостирање.
Што добиваме со одржливо постапување со отпадот? Добиваме многу, а не губиме ништо. Добиваме намалени количини на отпад во животната средина и добиваме рециклирани продукти кои можеме повторно да ги користиме. Има многу причини да селектираме и рециклираме отпад. Нема ниедна против, вели Марина Томова, претседателката на ЗГ „Чејнџмејкерс“