ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ВЕЧНА ТИ СЛАВА, ГЕВГЕЛИСКИ ВОЈВОДО.

НА 2 СЕПТЕМВРИ 1905, СО ПОСЛЕДНИОТ КУРШУМ, СЕ САМОУБИ ВОЈВОДАТА ЛЕОНИД ЈАНКОВ, ГЕВГЕЛИСКАТА ЛЕГЕНДА ОД „ТРБА ТРБИ“.
 
На денешен ден, 2 септември 1905 година во нерамна борба со турскиот аскер во месноста „Ѓуров дол„, Ѓавачко, загинаа храбрите илинденци Леонид Трајко Јанков, од село Мачуково, Гевгелиско, Томе Киро Донов од Стојаково и Михаил Иванов Таушанов од Богданци. Нивната борба и саможртва е само еден од бројните примери во македонското револуционерно ослободително движење во годините на славната Илинденска епопеја. За спомнатите тројца храбри борци-илинденци, анонимниот народен творец им ја испеал фанфаро звучната и текстовно содржајната песна „Трба, трби гевгелијско„.
 
Леонид Јанков е роден на 10 март 1878 година во село Мачуково, од татко Трајко и мајка Ката. Селото Мачуково, кое се наоѓа на 4 км од Гевгелија, во втората половина на 19. век било многу развиено, со сите карактеристики за поголемите населби. Со развојот на чифлигарството во Македонија, започнува процесот на претварање на македонските селани во чифлогари.
Најголемиот чифлик-сајбија кој го држел Мачуково и половина Гевгелија била една жена, позната под псевдонимот Анмката.
 
 Османлиската бруталност предизвикала омраза, огорченост и спротивставување и со оружје со цел да се заштити честа и достоинството на селаните. За таа селаните си поставиле чувари за заштита на своите имоти таканаречени падари. Еден од падарите-заштитници на македонското население и имоти, во почетокот на 20. век бил и Леонид Јанков.
 
Мачуковчани набргу разбрале дека ропската положба вечно не може да трае и да се поднесува, туку дека само организирани можат да се ослободат од ропството, и тоа со пушка во рака и со сопствени сили. Затоа со формирањето на организационите чети на почетокот на 20. век, многу селани од Мачуково се најдоа во четите на Сава Михајлов иАргир Манасиев. Столб на Организацијата во селото бил Генчо Лазаров Ортаков, а во организационите работи најмасовни биле Јанковци.
 
Откако се враќа во 1904 година во гевгелискиот крај, Леонид заедно со Томе Донев и Миле Таушанов на подрачјето на Богданци развиле голема активност. Во текот на 1904 и 1905 година Организацијата претрпела тешки загуби поради се поголемите пресметки меѓу вооружените врховистички пропаганди од една страна и Организацијата од друга страна. Овие години биле години на големи удари врз нејзината жива сила а посебно врз раководниот кадар.
 
Откако дешифрирале едно писмо упатено од градското раководство до Леонид, турската војска собрала 3000 луѓе и го опколиле просторот околу селото Ѓавато. Леонид со своите востаници бил засолнат во големите капини во месноста Ѓуров Дол.
 
Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со итрина успеал да убие многу непријатели но кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јусбашијата а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на турците.
Тој ден сите камбани во градот биеле и целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3000 души од градот и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас, во северната страна.
 
Секогаш да се гордееме со хероите кои паднале за македонската слобода, а уште повеќе со оние кои заминале со чинот на саможртва. Вечна слава војводо!

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.