Во Галерискиот простор на Пионерскиот дом во Гевгелија, во четврток, на 22 септември, во 20 часот ќе биде отворена самостојната ликовна изложба на Елена Галика, во организација на „Дом на култура-Македонија“ и Општина Гевгелија.
Се работи за интересни дела на овој автор кој ги создал воден од теми и креации на моментално расположение, водено од лично емоционални пориви на речиси целосно сензибилна природа и карактер.
За нив, авторот ќе рече:
„Изложените дела овој пат се од видливата паралелна реалност и како тие се замислени во индивидуалната реалност на уметникот кој ги создал. Земени се фрагменти, или дела во целост од познати и докажани мајстори, низ нивното постоење и творење, ставени да кохабитираат заедно на едно платно, на едно место и време, како навидум неспоиви. Но, ако се обидеме за миг да влеземе низ вратата на квантото поле, каде што лежат сите потенцијали, можеме да ги поврземе ”вчера” и ”утре”, минатото и иднината, во сегашниот миг и низ делата да ги споиме времињата прецизно, низ нивна перспектива да создадеме слика на нивното познато и нашето познато поле на реалноста.
Поаѓајќи од шокантната хипотеза дека времето не минува, туку дека ние се движиме низ него, или пак, како што ќе напише Иво Андриќ: ”Не тече реката, туку водата. Не поминува времето, туку ние.” Како што постојат одредени тврдења, дури и научни докази, дека сѐ постои и се случува токму во сегашниот миг, минатото и иднината постојат токму сега, времето е само привид и мерење на нешто што не постои е мерење на безвремие.“
ЕЛЕНА ГАЛИКА, е родена 31.07.1980г во Скопје. Средно образование завршува во Училиштето за применета уметност “Лазар Личеноски” во Скопје, а дипломира на Факултетот за Ликовни уметности на одделот сликарство во класата на проф.Симон Шемов. Последипломските студии ги завршува под менторство на проф.м-р Благоја Меневски.
Галика е активен член на здружението на ликовни уметници ,,Широка стаза,, во Земун и е еден од добитниците на сертификатот за MEMORIAL MBĐ 8 exhibition Србија, Канада и Јапонија.
Учесник е на повеќе работилници, групни изложби како во земјата така и во странство, меѓу кои позначајните учества во Париз, Франција Le Salon des Artistes Indépendants Grand Palais – Paris 2019г. И на есенскиот салон Salon d’Automnе 2019 – Champs-Élysées, Paris.