ПЕНДАРОВСКИ ОДЛИКУВА СО ОРДЕН „8-МИ СЕПТЕМВРИ“ ЧЕТВОРИЦА МАКЕДОНСКИ СПОРТИСТИ.

WEB Телевизија во живо

ШАБАН ТРСТЕНА : НАШИТЕ УСПЕСИ СЕ ПОКАЗАТЕЛ ДЕКА ЕДНА МАЛА ДРЖАВА, МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ПОБЕДИ ГОЛЕМИ ДРЖАВИ ВО СПОРТОТ
 
„Јас сум еден од оние спортисти кои освоиле многу признанија на пет континенти, ама ова е нешто посебно. Знаете зошто, затоа што ова признание е од мојата татковина, од мојот народ кој се радувал со моите успеси. Затоа ова признание ќе биде посебно во мојата спортска душа. Затоа и сум горд што дадов се од себе, 20 години, да се борат со најелитните спортисти од најголемите држави и покажав дека и една мала држава може да ги победи и големите држави како Америка, Русија и Кина. Нека ни е среќна нашата независна држава“, рече Трстена.
 
По повод Денот на независноста на Република Северна Македонија – 8 Септември, претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ги одликува со Орден „8 Септември“ македонските спортисти Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски.
Оливера Наковска-Бикова ќе биде одликувана со Орден „8 Септември“ за својата извонредна, богата и успешна спортска кариера во параолимпиското и во спортското стрелаштво.
 
 Наковска-Бикова постигнува бројни успеси на натпревари во стрелачки спортови. Таа е повеќекратна државна шампионка и апсолутна рекордерка на Република Северна Македонија во дисциплината воздушен пиштол. Во оваа дисциплина го освојува златниот медал на Летните параолимписки игри во Лондон, со што придонесе за меѓународна афирмација и за угледот на државата.
 
Бранимир Јовановски, за извонредните резултати во својата 20-годишна спортска кариера. Тој е првиот македонски параолимпиец кој освоил златен медал на една параолимпијада. Во текот на својата кариера, покрај златниот параолимписки медал, освоил и други сребрени, златни и бронзени медали на разни европски првенства и на меѓународни натпревари. Значаен е неговиот огромен успех како тренер и како селектор, а избран е и за најдобар тренер на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Неговиот придонес за меѓународна афирмација и за угледот на државата е огромен.
Шабан Трстена доби Орден за освојувањето златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и на светскиот спорт како најмлад олимписки шампион, како и за освојувањето на сребрениот медал на Олимпијадата во Сеул во 1988 година и на бронзениот медал на Светскиот шампионат во борење во 1982 година. Трстена е повеќекратен младински и сениорски првак на Југославија. Тој е прогласен за спортист на XX век на Република Северна Македонија. Шабан Трстена е пример како со извонреден успех може да се стане симбол на својата земја и на таков начин да се придонесе за нејзина меѓународна афирмација.
 
Дејан Георгиевски, за постигнување историски најголем и повеќекратен успех во сферата на спортот од независноста на нашата држава. Со освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во теквондо, е прогласен за најдобар спортист на Република Северна Македонија за 2021 година. Воедно, тој е добитник и на неколку сребрени и бронзени медали, со што придонесува за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *