29 СЕПТЕМВРИ – ДЕН НА СРЦЕТО

ДР СТРЕТКО ЈОВАНОВ, СПЕЦИЈАЛИСТ ИНТЕРНИСТ-КАРДИОЛОГ:
„ГРИЖЕТЕ СЕ ЗА ВАШЕТО СРЦЕ, ЗА ТОА ДА МОЖЕ ШТО ПОДОЛГО ДА СЕ ГРИЖИ ЗА ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ“
 
Светскиот ден на срцето беше повод за разговор со магистерот по медицински науки-кардиолог во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија, доктор Стретко Јованов. Еден од најискусните интернисти во Општата болница Гевгелија, доктор Јованов од септември месец 1996 година година работи како специјалист интернист-кардиолог на Интерното одделение и кабинетот за 2-Д и 4-Д ехокардиографија, каде што бил и началник на интернистичката служба.
Тој е член на Македонското здружение на кардиолози, член на Македонското здружение на ехо кардиолози и член на Европското здружение на кардиолози.
 
Го посетивме во неговиот кабинет, каде сакавме да дознаеме нешто повеќе не само за неговата професија, туку и да ни каже нешто повеќе за кардиоваскуларните болести, кои се водечка причина за смрт на глобално ниво, и кои предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно а ги зафаќаат најмногу земјите со низок и среден стандард.
 
-Докторе, најнапред кажете ни накратко за вашата љубов кон медицината и за вашиот професионален развој?
 
„Љубовта кон медицината ја стекнав на преминот од основното кон средното образование. Основно образование завршив во своето родно место, Негорци, Општина Гевгелија и потоа решив да се запишам во Средното медицинско училиште „Др Панче Караѓозов“ во Скопје. Кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, со запишување на Медицинскиот факултет во Скопје, ја остварив својата желба да се посветам на медицинските науки. Факултетот го завршив во 1983 година, кога и се вработив во тогаш Медицинскиот центар во Гевгелија, најпрво во општата амбуланта и Брзата помош со домашна посета, а во 1992 година бев назначен за секундарен на Интерното одделение. Специјализацијата по Интерна медицина ја почнав во 1992 година во Клиничкиот центар во Скопје, додека Специјалистичкиот испит го положив во 1996 година. Во текот на специјализацијата се едуцирав и за самостојно работење од областа на 2Д ехокардиографија и коронарниот стрес тест.
Од 2006 до 2017 година ја извршував функцијата директор на ЈЗУ Општа болница Гевгелија, а еден месец во 2013 година бев на усовршување од областа на ехо колор доплерт на екстракранијалните садови во Group Florence Nightingale во Истанбул, Република Турција.
 
– Каква е ситуацијата со смртноста од кардиоваскуларни болести во светот и кај нас?
 
„Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт на глобално ниво, тие предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно. Во рамките на незаразните болести кардиоваскуларните болести заедно со малигните заболувања се причина за речиси три четвртини за смртноста во Европскиот регион.
Во Република Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, минатата, 2021 година, починале 28.516 луѓе. Најчеста причина за смрт биле болестите на циркулаторниот систем , речиси 36 отсто, што мора да признаеме не е мала бројка.
Тоа значи дека причина за смртта на секој трет починат во нашата земја минатата година се токму кардиоваскуларните заболувања.“
 
– Докторе Јованов, над 25 години сте интернист кардиолог, можете ли да ни кажете кои се причините за вака високата застапеност на кардиоваскуларните болести помеѓу нашето население ?
 
„Постојат многу фактори на ризик поврзани со коронарна срцева болест и мозочен удар. Некои фактори на ризик, како што е семејната историја, не може да се модифицираат, додека други фактори на ризик, како високиот крвен притисок, може да се модифицираат со соодветен третман.
Нема да мора да развиете кардиоваскуларни болести ако имате фактор на ризик. Меѓутоа, колку повеќе фактори на ризик имате, толку е поголема веројатноста за развој на кардиоваскуларни болести, освен ако не преземете акција и не работите за да ги спречите вашите фактори на ризик да го загрозат здравјето на вашето срце.“
 
– Може ли да ни кажете кои се тие фактори на ризик
 
„Не е никаква тајна, вели докторот, дека има повеќе причини за развојот на срцевите заболувања. Најнапред, една од според мене најважните причини е е стресот. Во денешното, модерно, технолошко развиено време, со едно фантастично брзо темпо на живеење и несигурноса која тоа време ја носи со себе, придонесуваат се повеќе луѓе да живеат стресно. Затоа, моја препорака е, дајте забавете малку, обидете се да ги избегнувате што е можно повеќе стресните ситуации, а со тоа ќе го заштитите и вашето срце.
 
Потоа, доаѓа дијабетесот. Луѓето кои живеат со дијабетес имаат двојно поголема веројатност да развијат и да умрат од кардиоваскуларни болести. Дијабетесот е голема глобална здравствена закана. Дијабетесот може да ги оштети вашите крвни садови и нерви. Луѓето со дијабетес тип 2 може да имаат и висок крвен притисок, висок холестерол или се со прекумерна тежина. Тие ги зголемуваат шансите за добивање срцеви заболувања. Колку подолго живеете со дијабетес, толку е поголем ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар
За возрасните на 60-годишна возраст, дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести го скратуваат животниот век во просек за 12 години.
 
Дебелината, поради лошата исхрана, е исто така при врвот на тие причини за голем број на срцеви заболувања, затоа што таа е причина како за хипертензија, така и за болести на белите дробови и дископатијата. Мислам, вели докторот, дека, поголемиот број на наши сограѓани поради финансиската ситуација, не може да си дозволат здраво да се хранат. Затоа, прибегнуваат кон конзумирање на нездрава исхрана, која потоа создава проблеми и со холестеролот, како и со хипертензијата.
 
И на крајот, ама не и не и помалку важна е физичката активност. Физичката активност се практикува од различни причини, меѓу коишто: зајакнување на мускулите и на кардиоваскуларниот систем, подобрување на атлетските способности, губење или одржување на телесна тежина, како и поради чувството на задоволство коешто се добива како резултат на вежбањето. Честата и редовна физичка активност го подигнува имунолошкиот систем и помага во превенција од “цивилизациските болести” како што се срцева болест, кардиоваскуларна болест, дијабет – тип 2 и прекумерна дебелина.
Ние, здравствените работници честопати го нарекуваме вежбањето “дрога којашто прави чуда” – со што алудираме на широката разновидност од докажаните предности коишто физичката активност ги нуди.
 
– Докторе Јованов, на крајот би ве запрашал има ли некоја „тајна“, за тоа како да си го заштитиме нашето срце и крвните садови?
 
„ Поаѓајќи од фактот дека постои можност 80% од срцеви заболувања да се спречат, тогаш нема никаква „тајна“ би рекол. Луѓето треба да разберат и да сфатат како да ги избегнат факторите на ризик како што е стресот, употребата на тутун, нездрава исхрана, физичката неактивност и штетната употреба на алкохол. Јас на моите пациенти им ги кажувам овие неколку работи,
 
Избегнувајте ги стресните ситуации колку што можете повеќе.
Придвижете го срцето:
Практикувајте активен животен стил со најмалку 30 минути умерена физичка активност пет пати неделно и секој ден по еден час за деца. Вклучувањето на играње фудбал, пешачење и возење на велосипед во вашето секојдневие е вистински начин да го постигнете тоа.
Нахранете го срцето:
Хранете се здраво и конзумирајте овошје и зеленчук и ограничето го количеството на масти, сол, шеќер и алкохол во вашиот организам.
Сакајте го срцето:
Побарајте професионална помош за откажување од цигарите и придонесете за почитување на законот за непушење во затворени простории со цел да ги заштитиме другите од пасивно пушење.
 
И, на крајот :
ГРИЖЕТЕ СЕ ЗА ВАШЕТО СРЦЕ, ЗА ТОА ДА БИДЕ ЗДРАВО И ЗА ДА МОЖЕ ШТО ПОДОЛГО ДА СЕ ГРИЖИ ЗА ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ“

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *