КУЛТУРНО-ЗАБАВНИОТ ЖИВОТ ВО ГЕВГЕЛИСКО ДО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

WEB Телевизија во живо

Додека се во тек настаните организирани во рамките на Гевгелиското културно лето, интересно е да видиме како се разонодувале гевгеличани во периодот до Првата светска војна.
 
Во периодот до 1874 година, кога Гевгелија била сеуште мала населба, културно забавниот живот на гевгеличани се сведувал на приредување народни ора и игри, воглавно на верските празници и во неделите. Овие игри се изведувале со придружба на гајди, зурли(џури), тапани и друго.
 
Најпрочуени игри кои се изведувале се до почетокот на 90-те години од 19 век, биле русалиските игри, кои се изведувале по селата и се практикувале се до 1941 година. Тие, според некои извори претставуваат остаток од духовната култура на старите антички народи. Се изведувале од Божиќ до Водици, во 11 –те некрстени денови.
 
Додека русалиските игри биле оличување на витештвото и моралот, џамаларските игри, биле комични и весели и се организирале во текот на месец март. Се смета дека тие биле пренесени од Солун.
 
За време на неделните и црковно-празничните денови, повеќе групи младинци и младинки излегувале попладне на прошетка до станицата, каде што го пречекувале патничкиот воз од Скопје за Солун-„Европа“. Потоа, истите групи ја продолжувале прошетката до реката Вардар, кон Вардарски рид, каде се играло и пеело.
 
За време на вториот ден Велигден, по завршувањето на богослужбата, голем број млади и постари лица, на чело со свештено лице оделе на Вардарски рид. Поради бугарската и грчката пропаганда, и населението било поделено. Приврзаниците на егзархиската црква оделе на јужниот дел од Вардарски рид, а приврзаниците на патријаршиската црква оделе на северниот дел.
 
За време на берењето грозје, исто така младите во поладневните неделни часови, оделе на лозје и со песни и игри го береле грозјето.
 
Покрај со верските празници, културно-забавниот живот, кон крајот на 19 век се поврзувале и со крајот на училишната година, кој се совпаѓал со празникот Свети Кирил и Методиј, кога во дворот на Основното училиште при црквата Свети Кирил и Методиј, се организирале веселби, се пееле песни и се рецитирале стихотворби.
 
Во почетокот на 1909 година, под раководство и диригентство на истакнатиот револуционер Аргир Манасиев, бил формиран блех оркестар, кој свирел на црковни празници, приредувале неделни концерти и оделе по домовите на побогатите луѓе, честитајќи им ги имендените или свирејќи им на свадбените веселби.
 
Меѓу 1908 1912 година, за прв пат во Гевгелија почнале да се прикажуваат театарски претстави чиј носител била учителската интелегенција. Во летото, 1908 година, по иницијатива на Васил Дудуклиев, студент по медицина во Бејрут, била прикажана пиеската „На сила оженување“. 
 
Наредната 1909 година се основале машка и женска театарска група во која повидно место имале Илија Колев, Ристо Урумов, Благој Ташоќаев, Кирил Поп Иванов, Стојко Зафиров, Софија Карајанова, Вера Куслева, Олимпија Батанџиева, Венера Савева. Така, биле изведувани „Ревизор“ од Гогољ и „Разбојници“ од Шилер.
 
По иницијатива на учителите и учителките, во 1910 година е основано првото градско читалиште „Просвета“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *