СЕЌАВАЊЕ НА ПРОФ. Д-Р ДИМИТАР ЌОРНАКОВ, ИСТОРИЧАР НА УМЕТНОСТА:

WEB Телевизија во живо

„ МАКЕДОНЦИТЕ СЕ СЕУШТЕ ДУХОВНО И КУЛТУРНО МЕЃУ НАЈБОГАТИТЕ НАРОДИ ВО СВЕТОТ. ИМАМЕ РЕГИСТРИРАНО 25.000 ИКОНИ.
 
Точно пред две година, во јуни, си замина тивко, речиси нечујно, скромниот и трудољубив вљубеник во својата професија, Димитар Ќорнаков, кој речиси цел работен век, а и потоа, го посвети на заштитата на нашето најголемо културно наследство, црквите и манастирите во Македонија и пошироко.
 
Димитар Ќорнаков е роден во 1927 година во Стојаково. Основно образование завршил во своето родно место. Учел богословија во Битола и во Софија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Повеќе од три децении работел во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во својство на историчар на уметноста. Докторирал на Универзитетот во Белград на тема-Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на 18 и 19 век. Автор е на повеќе монографски трудови-Македонска резба, Македонски манастири, Резбарски центри во Македонија, а публикувал повеќе од сто стручни и научни трудови во различни списанија. Бил комесар и на изложбите во Болоња и Волос.
 
На 16 март 2011, во рамките на Гевгелија-град на културата, во Гевгелија се одржа промоција на делата на професор др. Димитар Ќорнаков, македонски историчар на уметноста. Беше преубаво да се присуствува на оваа промоција на овој исклучителен проучувач на творештвото на мијачките копаничари во црквите и манастирите на Балканскиот полуостров. За делото на Ќорнаков зборуваа неговиот издавач Раде Силјан, и неговите пријатели и соработници Паскал Гилевски и Атанас Вражиновски.
 
Она што беше заедничко за нивните искажувања беше големата почит и љубов кон човекот со кого сите тројца споделувале дел од своите животи, во работа и во секојдневно дружење.
Така, Раде Силјан кој прв ја спознал големината на творештвото на Ќорнаков и се решил да ги објавува неговите исклучителни дела, потенцираше дека тој е гордост не само на гевгелискиот крај, туку и на Македонија, бидејќи неговите дела ќе остават траен белег во македонското културно наследство.
 
Паскал Гилевски истакна дека творештвото на професор Ќорнаков има непроценливо значење за историјата на уметноста и за идните генерации, а Атанас Вражиновски евоцираше спомени од целодневните макотрпни истражувања по македонските манастири со професорот Димитар Ќорнаков.
 
Македонија има 25.000 регистрирани икони.
За професорот, додека беше жив велеа дека е жива легенда на македонската наука за духовното наследство, своевидна институција кога станува збор за истражувањето на нашите манастири, односно богатствата што останале во нив.
 
Разговорот со професорот Ќорнаков, по промоцијата го започнавме со неговите почетоци.
Тој ни кажа дека по дипломирањето полни десет години работел на терен, истражувајќи во сите цркви и манастири, но сепак акцентот го ставил на евиденција на сите икони заклучно со 19-ти век. Во тоа време биле регистрирани преку 25.000 македонски икони, меѓу кои имало и вистински ремек-дела.
 
Сепак, истакнува , дека , како млад истражувач, на почетокот на 60-те години на минатиот век, голем предизвик му било копаничарството, кое во тие времиња никој не го истражувал. Започнал со она што го имало во Македонија а потоа постепено истражувал и во Пиринска и Егејска Македонија, односно во сите цркви и манастири каде што работеле македонските резбари.
 
Седум години го обработувал материјалот, а потоа пријавил докторска дисертација на Универзитетот во Белград. Докторира на мијачките резбари и нивните дела на Балканот. На прашањето зошто не докторирал во Скопје, професорот одговара дека во тоа време во Македонија немало професори од таа област и дека тој бил прв што ги истражувал македонските резби. На два пати, за да ја докомплетира својата монографија, престојувал на Света Гора. Иако добива стипендија од италијанската влада, се враќа во Македонија и станува директор на Заводот за заштита на културните споменици. Создава тим за хемиска и физичка заштита на нашите икони и иконостаси кои биле пред пропаѓање. Тогаш бил спасено од пропаѓање македонското ремек дело, прекрасната резба во црквата Свети Спас во Скопје.
 
Теренската работа му останува во преден план, продолжил да ги истражува македонските манастири, и сиот материјал, собран од истражувањата, подоцна го обработил и публикувал во десетина значајни монографии. Прв голем научен проект му бил истражувањето на манастирот Свети Никола во Слепче. Таму открива исклучително богат фрескоживотопис, со стари икони, и утврдува дека во овој манастир во 17 век живееле исклучително талентирани зографи и копаничари.
 
Друг голем проект кој го спомнува професорот е истражувањето во Полошкиот манастир, каде истражува пет години, откривајќи многу сензационални податоци од европски формат за вкупната историја на македонскиот народ, а откриените резби подоцна предизвикале огромен интерес во најголемите културни центри во Европа.
 
Професор Ќорнаков тврди дека Mакедонците се сеште духовно и културно меѓу најбогатите народи во Европа, мал народ кој има толку големи дела. Треба да се гордееме со своето културно богатство зашто ако не што не знаеш дома, не можеш да го презентираш пред јавноста во светот.
 
Го прашувам професорот дали е задоволен од финансиската добивка за сите оние големи работи што ги направил за Македонија. Добивам одречен одговор. За она што сум го работел досега-вели професорот-мојата финансиска сатисфакција е речиси нула. Најголема моја сатисфакција, продолжува, е мојата желба да спасам од заборав и пропаѓање дел од културно-историското богатство на мојот народ. Мојот животен сон е исполнет со тоа што најголем дел од она што сум го собирал во изминатите пет децении по македонските манастири го имам објавено.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *