ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ГЕВГЕЛИСКИОТ ПИСАТЕЛ СТЕФАН МАРКОВСКИ Е ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПРАЗНИК НА ЛИПИТЕ“

Заврши Конкурсот на тема „Липа”, распишан од страна на Друштвото на писателите на Македонија.
На Конкурсот на тема „Липа“, распишан од страна на Друштвото на писателите на Македонија, пристигнаа повеќе творби, кои ги разгледуваше тричлената Жири-комисија во состав: Васил Тоциновски (претседател), Југослав Петровски и Пунторие Муча Зиба (членови).
Жири-комисијата едногласно одлучи да ја издвои и награди песната од авторот Стефан Марковски, која е годинашен добитник на наградата за најдобра творба на Меѓународната манифестација “Празник на липите”.
 
Манифестацијата „Празник на липите” е традиционална, а годинава ќе се одржи на 28.6.2022 година, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, со почеток во 10 часот.
Наградата на авторот Стефан Марковски е во вид на плакета и ќе му биде врачена на свеченоста на манифестацијата „Празник на липите 2022”.
 
Стефан Марковски е современ македонски писател и поет. Автор е на книгите: „Еднонасочно“ (роман, 2009), „Апеирон“ (поезија, 2010), „За некои спомени на онаа некогашност“ (поезија, 2010), „Хиерархиска еволуција на свеста“ (психологија и теорија на ум, 2012), „мета(де)конструкција и општа филозофија“ (филозофија, 2012), „Среќата е глагол“ (психологија и филозофија, 2013), „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ (раскази и драмски текст, 2015), „In Nomine“ (поезија, 2016), „Сиво сјаат вселените“ (поезија, 2016), „Смртта долетува насмевната“ (раскази, 2017), „По трагата на белиот грифон“ (поезија, 2018), „Еретички писма или Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ (роман, 2018).Автор е на сценарија за сериски и на едно сценарио за долгометражен филм. Завршил Филолошки и Филозофски факултет, а магистрирал на Факултетот за драмски уметности – насока Филмско и ТВ-сценарио. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт (ИТИ), како и на асоцијацијата NEAP.
 
Aвтор на есеи, статии и трудови од книжевната теорија и филозофијата. Марковски е главен и одговорен уредник на најстарото македонско книжевно списание „Современост“. Бил уредник на поетските збирки вклучени во проектот „Метрички карван“ на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија. Добитник е на повеќе награди и признанија за роман, раскази, поезија и есеј. Дел од неговото творештво е преведен и објавен на неколку јазици.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува tvnova12.mk се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.