ОБЈАВЕНА „АЛГОРИТМЕА“, ПРВА ПОЕМА „НАПИШАНА“ ОД КОМПЈУТЕР СПОРЕД СТИЛОТ НА СТЕФАН МАРКОВСКИ

WEB Телевизија во живо

Деновиве од печат излезе „Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови“, прва поема „напишана“ од компјутерска програма, вештачкоинтелигентниот тест-софтвер Аполон СМ-165.exe. Делото на 85 страници е генерирано во лирско-епски облик според стилот на Стефан Марковски и е во издание на издавачката куќа „Полица“ на чиј штанд деновиве е достапна на годинешниов Саем на книгата.
 
Ефтим Клетников истакнува дека станува збор за „екстраексклузивна, апартна поема, која го има во својот епицентар Homo Technologicus, или Homo Digitalis. Тоа е карналниот човек создаден од оживеаната глина на Господ, кого сега го зграпчил дигиталниот Робеспјер, преведувајќи го целосно од онтологија во технологија.“
 
Во поемата се поставува и прашањето дали она на Калдерон „Животот е сон“ во екстрамодерната технолошка ера не е совршено реализирано како алгоритам, како апстрактна математичка формула. Или, по аналогија, уште дали она на Шекспир дека сме составени од „материјата на сонот“ сега не е преформулирано во од „материјата на дигиталната технологија“. Конечно, не од делириумската екстаза на битието во растројството на сетилата кај Рембо, туку од апстрактните атоми на апстрактното алгоритамско пијанство на модерниот дигитален Дионис. Тој како нов бог има намера, а веќе и ја остварил, да го создаде новиот Адам не од оживеаната глина на која ѝ подарува бесмртност Јахве, туку како дигитална машина од студени метални елементи.
 
Поемата, проект кој беше резултат на тестирањето на два типа софтвер, поаѓа од еден умствен експеримент во теоријата на вештачката интелигенција познат како Базилискот на Роко.
Во поемата е приложен и дел од кодот врз основа на кој истата беше генерирана од програмскиот јазик Python.
Во книгата се вклучени и илустрации од Вангел Срнаков.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *