ИЗЛОЖБА НА СКУЛПТУРИ НА АЛЕКСАНДАР ЈАНЕВ ВО КАФЕ КНИЖАРНИЦАТА „БУКВА“ ВО СКОПЈЕ

WEB Телевизија во живо

Во сабота, 21 мај, со почеток од 19 часот во дворчето на кафе книжарницата „Буква“, во центарот на Скопје, ќе биде отворена Изложба на скулптури „Раѓањето на битието“ на магистер Александар Јанев.
 
„Јанев интонирано понира во длабочините на она што сме, на она од кое сме… Суптилно раскажува за почетокот, за генезата, за корените. Тој со својот ликовен израз автентично проникнува во материјалите кои ги експлоатира и создава дела со караткеристична овална форма која симболизира раѓање. Визуелизацијата на делата е отелотворена преку сублимација на повеќе органски и неоргански материјали. Примарно е дрвото, металот и бојата ја акцентираат импресијата, а нејзиното височество формата ја финализира авторовата мисла. Јанев несомнено поседува силен креативен импулс и сензибилитет кој допрва ќе ја продлабочи автономијата на неговото творештво,“ вели за делата на Јанев магистер Мирјана Крстева Массети.
 
Академскиот скулптор Јордан Јанев-Дане, пак, за скулптурите на Александар Јанев ќе напише:
„Што е живо битие? Авторот на ова прашање одговара на свој начин како доживување и изразување со помош на формата и материјалите. Создава уметничко дело кое ќе има свое значење и по својата содржина нема да се исцрпи со линии, кривини, површини и вдлабнатини во дрвото, каменот и металот во одредените тонови или во било кој друг материјал кој се искористува туку развива внатрешен живот, чувства, душа, некоја содржина и некој дух кој се нарекува значење на уметничкото дело.
 
Тој не се занимава со пресликување на природата туку со изразување на сопствените доживавања на природата. Тој ја поддржува мислата дека тоа што ни го дала природата треба да се искористи за создавање на уметничко дело. Во своите дела авторот користи доста симболи бидејќи самата историја на симболите потврдува дека секој предмет може да добие уметничка вредност, било да е природен (камен, стебло, цвеќе, плод) или абстрактен (геометриски облик, број, ритам)..
 
Делата на авторот кои го симболизираат раѓањето на животот, битие се со обли форми бидејќи во стварноста секое живо битие што се раѓа е со обла форма. Тие асоцираат на јајце, на дела кои се деливи, од кои се раѓа нова форма, тела кои асоцираат на битија кои штотуку оживуваат. Формата се раѓа во еден свет во кој треба да се вгнезди и заштити од суровоста на битусвање.
 
Тоа симболички го прикажува со гнездо кое е со сосема други особини од дрвото, направен од железни елементи кои се карактеризираат со својата јакост.
Во одреден дел авторот користи материјали кои имале своја намена, но откако биле искористени тие се отфрлени.
Авторот ги искористува во своите композиции кои се во исто време и порака за зачувување на природата како идеја која и не е ниту нова бидејќи и Пикасо и Брак во свое време собирале отпадоци и ги створиле нивнит познати колажи“
 
Александар Јанев, е роден на 12.2.1987 во Гевгелија
Во 2011 дипломирал на УКИМ, Фалуктет за ликовни уметности Скопје, оддел вајарство со графички дизајн во класата на професор Беди Ибрахими
Живее и работи во Гевгелија како наставник по ликовно образование
Член и претседател е на Друштвото на Ликовни уметнии во Гевгелија ДЛУГ и член на Мултимедиа центар Гевгелија од 2009
Учествувал на сите групни изложби на ДЛУГ и Мултимедиа центар
Учествувал на меѓународната ликовна колонија во Севлиево, Република Бугарика, 2014
Учествувал на меѓународната ликовна колонија во Куманово, 2015
Учествувал на меѓународната ликовна колонија (Аполонија) во Гевгелија, 2016

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *