ОД ВЕЛИГДЕНСКОТО ПОСЛАНИЕ ДО ВЕРНИЦИТЕ НА АРХИЕПИСКОПОТ ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ, Г.Г СТЕФАН

WEB Телевизија во живо

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Повеќе од еден милениум нашиот православен македонски народ живее со верата во воскреснатиот Господ, најнапред проповедана од светиот апостол Павле, а потоа утврдена од охридскиот чудотворец – свети Климент. Двајцата, и со зборови и со дела, го посведочиле боже¬ствениот и блажен Живот што се излива од Христовиот гроб и им се дава на сите народи, просветлувајќи ги како незаодно Сонце на правдата, и помагајќи и ние, како народ, да ги согледаме светот и историјата на сосема поинаков начин.
Нашите богољубиви предци, живеејќи по евангелските пораки и следејќи ги богоугодните примери, узнале дека Царството Божјо не е од овој свет и дека тоа се стекнува преку верата во воскресението и со добродетелен живот. Уште во првите христијански времиња многумина од нашиот род ги познале вечните и незаменливи евангелски вредности, и таа вера во сепобедното воскресение, во текот на вековите, мнозина ја посведочиле и со сопствената крв, силно верувајќи во Оној што има власт на небото и на земјата, и преку Кого „од смртни ‒ постанавме бесмртни“
Предизвиците, пак, со кои се соочува нашето поколение, потврдуваат дека ваквата преобразба ни е пот¬ребна како никогаш досега. Создаваме и живееме време преполно со искушенија, време во кое очигледно е отфрлен разумот и, пред сè, заборавен е законот Божји. Всушност, како да не сфативме дека само доколку ја поз¬наеме и живееме со вистината ‒ вистината ќе нè ослободи, дека само со покајание и со прифаќање на Божјата волја, ќе го најдеме патот што води кон личното и кон сенародното учество во тајната на Христовото воскресение. А тоа е патот на смирението и долготрпението, на крстоносењето и на грижата за ближните на кои им е потребна нашата помош, на делата на добродетелта кои сведочат за преобразителната сила на нашата вера, надеж и љубов. Впрочем, повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот!
Затоа, да застанеме во заедничка молитва за спасение на сите страдални луѓе и на сите што се засегнати од оваа голема несреќа. Да се молиме Бог да им го даде дарот на покајанието и прошката, врз кои се крепи мостот што води кон помирувањето, да си простат и да направат сè заради воскресението.
Кон нашиот православен народ, пак, еве, и во мир се води војна и продолжуваат непријателствата и негирањата! Затоа, да Го молиме воскреснатиот Господ, да ни ги дарува потребните мудрост и единство, и нам, во Татковината, и насекаде до каде што нè има по светов, за да можеме да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, или се обидуваат со сомнителни статистики да го намалат, па дури и сосема да го избришат многувековното присуство на Македонците по македонската земја, и во минатото и во сегашноста.
Единствениот и вистински Миротворец и Човекољубец, воскреснатиот Господ Исус Христос, да го утврди во нас Својот мир, нека нè упати по патот на покајанието и на добродетелниот живот и нека нè удостои со жителство во вечниот и небесен град ‒ Новиот Ерусалим, таму каде што Тој ќе биде во сите денови, до крајот на светот. Амин!
Христос воскресе!

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *