ДАНЕ ЈАНЕВ СО СИНОТ АЛЕКСАНДАР ПОДГОТВУВААТ БИСТА КОЈА ЌЕ ЈА ДОНИРААТ НА ОПШТИНАТА ЗА ДА ГЕВГЕЛИЈА
ДОСТОЈНО МУ СЕ ОДДОЛЖИ НА СВОЈОТ ОМИЛЕН „ДОКО“ ?
Како што се наближуваше 22 февруари, решив еден убав сончев, неделен ден да отидам во куќата на мојот добар пријател, академскиот вајар, Јордан Јанев, за да поразговарам со него и да соберам материјал за приказната што сакав да ја напишам за еден од најинтересните луѓе кои било кога живеел во Гевгелија. Приказната за легендата и доајенот на гевгелиското здравство, Александар Сингер.
Доктор Александар Сингер пет децении живееше во Гевгелија. Пристигна во 1946 година, избегнувајќи ја гасната комора во логорот Ворхорст, каде беше заробен како Евреин цели четири години. Педесет години со своето лекарско знаење и искуство безрезервно им помагаше на жителите на југот од земјата, деноноќно, по секакви временски услови, со запрежна кола, на магаре или велосипед, но и го афирмираше градот, иако не му беше роден.
Во 1955 година купувајќи серум со сопствени пари ги спаси сите 100 заболени деца во селата Петрово и Габрово. „Народниот лекар“ кој ја искорени маларијата во гевгелиско валандовскиот крај, втемелувач на Медицинскиот центар во Гевгелија, основач на Интерното одделение, создавач на шаховскиот клуб „7 Ноември“ и пријател со југословенските и светски велемајстори кои ги донесол во Гевгелија.
Се до 1963 живееше во куќата на трговецот Васил Јанев, мојот татко, вели Јордан Јанев. Толку се зближивме, што двете мои деца, синот и ќерката Александар и Корнелија, ги носта имињата на докторот и неговата мајка. Кога замина на операција на жолчката во Загреб, многу беше исплашен, ми кажува Јанев, и во писмото што го испратил тогаш до неговиот другар Душко Колев напишал, „Ако умрам, да знаеш, сакам да ме погребате во Гевгелија“. Ете, потенцира Јанев, колку Сингер ја сакаше „својата Гевгелија“.
И, затоа, завршува мојот пријател, вајарот Дане Јанев, моја желба, а мислам и желба на сите гевгеличани е, оваа биста која ќе ја направиме со мојот син Александар да биде поставена во дворот на Општата болница во Гевгелија, за која знаеше да каже дека е неговата татковина, со сите книги и списи во неговата канцеларија, со болничките соби, со колегите, како и со сите луѓе, како што велеше, на овој мој град Гевгелија.
Нема постар гевгеличанец кој не го памети др. Александар Сингер. Епитетот доајен го заслужил зошто ги поставил темелите на модерното здравство во Гевгелија, а легенда зошто со своите дела на лекар,човек и хуманист се издигнал над сите други, по што ќе биде запаметен од повеќе генерации во сите населени места на овој гевгелиско-валандовски регион. Луѓето го паметата др. Сингер зошто тој целиот свој живот го посветил на својот лекарски повик, бдеејќи над животот и здравјето на своите сограѓани. Иако не бил роден гевгеличанец, со своето полувековно живеење во Гевгелија луѓето го прифатиле како свој сограѓанин.
Роден е на 22 февруари 1914 година во Сента, Војводина, Србија. Потекнува од средно имотна еврејска фамилија. Основно училиште завршил во Сента, а гимназија во Суботица. Студира на Медицинскиот факултет во Белград каде и дипломира во 1939 година. Заради неговата соработка со напредните кругови на студентската младина во Белград, Сингер два пати бил затворан во злогласниот затвор Главњача. Во 1941 година, како воен лекар бил заробен од германците и бил депортиран во германнски логор каде останува до крајот на војната.
Во 1945 година во Македонија имало потреба од здравствен кадар. По свое барање др.Сингер доаѓа во Гевгелија, каде започнува неговиот вистински живот заедно со гевгеличани како негови сограѓани,пријатели и пациенти. Др. Сингер долго време бил единствен лекар во Гевгелија. Во тоа време немало модерни патишта, превозот бил на самар и со запрежни возила, а маларијата како болест беснеела.
Сингер стигнувал насекаде, во секое време и по секакви услови. Тоа биле денови на голем ентузијазам и желба за работа. „Мојот принцип-зборувал Сингер-е Хипократовата заклетва. Божествено дело е да ја ублажиш болката на човекот„. Сингер бил народен лекар во вистинската смисла на зборот, неговите дијагнози биле сигурни, помагал несебично на сите и никогаш не посегнал по материјални привилегии, затоа и останал до крајот на својот живот близок и сакан од граѓаните на Гевгелија.
Др. Сингер не бил женет, а неговото семејство, односно неговиот втор дом во Гевгелија е семејството на Васил Јанев, каде тој го поминал поголемиот дел од животот. Васил имал три деца, а најмалиот од нив, познатиот вајар Дане Јанев ја презел грижата за Докторот се до неговата смрт.
Јанев и денеска вели дека го чувствува Сингер како свој втор татко, зошто, не само што имал прилика да му помага во неговата докторска работа, туку благодарејќи на него и завршил високо образование. За почитта и љубовта кон Сингер зборува и фактот што Дане Јанев своите деца ги има крстено Корнелија, по мајката на Сингер и Александар, како што се викал и докторот.
Др Сингер има голем допринос во изградбата и развојот на Медицинскиот центар во Гевгелија.
На почетокот, Сингер работел во примитивни услови со 20 болнички кревети. Тој бил и педијатар, и гинеколог и акушер. Затоа го добил прекарот „народен лекар„. Одел во Серменин, Ума, Петрово, села кои во тоа време немале патишта. Му се случувало пеш да патува четири часа и да стигне во Валандово за да спаси човечки живот. Ги вакцинирал сите деца а со маларијата такаречи успеал сам да се справи. За своите залагања и заслуги, др Сингер има добиено повеќе одликувања и заслуги за народ ,пофалби и благодарници, но сепак најмила му била седмоноемвриската награда од општина Гевгелија.
Покрај лекарската пракса, др. Сингер ќе остане запаметен кај гевгеличани и по тоа што, како активен шахист, тој бил основач на шаховскиот клуб во Гевгелија.Тој успеал во Гевгелија да ги донесе познатите шаховски велемајстори Глигориќ, Спаски, Гелер, Ивков.
Др. Александар Сингер починал на 83 години , на 2 април 1996 година. Тој и својот живот го завршил меѓу своите колеги лекари и персоналот во Медицинскиот центар во Гевгелија, каде поминал 40 години.
Останува оваа генерација на гевгеличани да му се оддолжи на овој лекар и хуманист со исполнување на барањето не само на Сојузот на здружението на борците на Гевгелија, туку и на многу гевгеличани, Општата болница во Гевгелија да се именува по Александар Сингер, една улица во градот да го носи неговото име, а во дворот на Медицинскиот центар да се подигне негова биста. Вајарот Дане Јанев со својот син Александар, кој впрочем го носи и името на доктор Сингер, ја подготвуваат бистата и наскоро ќе ја донираат на општината.
Gevgeliska legenda. Nikogas nema da bide zaboraven.