Почитувани наши гледачи,
Како што е познато, на една од најстарите приватни телевизии во Македонија, гевгелиската ТВ НОВА 12( Канал 12), од пред некој ден АВМУ и ја одзеде дозволата за работа. Образложението е едноставно, правно издржано и сувопарно, радиодифузерот не ги исполнил минималните кадровски услови утврдени во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување.
Но, освен правното, има и други, за нас побитни работи, поради кои бевме принудени самите да „дозволиме“ да се случи ова одземање, а кои треба да ги знаат нашите консументи, а тоа сте вие, нашите гледачи, а кои според нас се многу побитни од неисполнувањето на кадровските услови на нашата телевизија.
Но, да почнеме по ред.
Прво.
Телевизија Нова 12, доколку сакаше, можеше , да ги обезбеди тие минимални кадровски услови пропишани од АВМУ, и да продолжи со работа. Но, не за толку кратко време, седум дена, кое го налагаше Агенцијата. Затоа што, еден од нашите вработени, замина во пензија, додека другиот поради последици од коронавирусот мораше да си замине од телевизијата. И, како во тие седум дена, можевме да најдеме двајца новинари со високо образование од Гевгелија. Токму затоа, не ни одговоривме на барањето на АВМУ за исполнување на кадровските услови.
Второ.
Работењео на една локална телевизија, каква што е ТВ Нова 12, поради пандемијата а и поради се полошата финансиска ситуација во стопанството, од ден на ден стануваше се потешка. Во Македонија во моментот има шест национални приватни телевизии, и дополнително околу 50 регионални, локални и кабелски телевизиски канали. Од друга страна маркетиншкиот пазар, односно финансиите кои ги одделуваат стопанските фирми за рекламирање, изнесува 12 милиони евра на годишно ниво, со тенденција во наредните години, според некои прогнози, да падне на 6 милиони. И, во таква ситуација, парите од рекламирањето станаа недоволни да ги задоволат потребите на толкав број на телевизиски канали во Македонија. А, без реклами и без сигурен барем еден голем „спонзор“, работењето на било која од наведените шеесеттина телевизии во нашата држава, станува невозможна мисија.
Трето.
Во такви услови, АВМУ, која во изминатите години даваше лиценци за работа на секој кој ќе побараше, „капом и шапом“(би рекле нашите соседи) и која имаше едно време и фонд за финансирање на проекти од национален интерес наменет за телевизиските куќи, од тело кое треба да служи за подобрување на условите за работење на радиодифузерите, во последните неколку години, се претвори во тело за „ловење“ на грешките и неправилностите во работењето на телевизиските куќи. Со тоа, полека започна и одземањето на лиценците за работа, па така, десеттина радиодифузери повеќе не работат, а доколку продолжи овој тренд, за кратко време, од медиумскиот простор ќе снема уште поголем број на регионални и особено локални радиодифузери
Четврто.
За оваа ситуација виновникот треба да го бараме и во Здруженијата на регионалните и локални радио телевизиски оператори, кои поради опортуност, неажурност, неединство и што уште не, не си ја извршуваа својата основна задача, а тоа е да ги штитат интересите на своите членки.
Поради сите овие горенаведени проблеми, работењето на ТВ Нова 12 стана неодржливо и финансиски неисплатливо, поради што и дојде до одземањето на лиценцата за работа.
Но, сакаме да ја информираме гевгелиската и пошироката јавност дека и во овие услови, програмата на ТВ Нова 12 од денес може да ја следите на нашиот веб портал tvnova12.mk, како интернет телевизија, за која светските експерти тврдат дека во догледно време, ќе биде замена за сегашните традиционални телевизиски програми.
Како што на времето, видеото, читај телевизијата го „уби“ радиото, за извесен период ќе имаме ситуација кога интернет телевизијата ќе биде „убиец“ на стандардните телевизиски канали, а гледачите, во догледно време пак ќе може да си креираат самите своја телевизиска програма која нема да зависи од ниту еден оператор.
Почитувани, Ви посакуваме пријатен ден и уживајте во содржините на нашата и вашата, се разбира, телевизија, кои може да ги следите на tvnova12.mk.