НА ДЕНЕШЕН ДЕН ЗАГИНАЛЕ ДВАЈЦА МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕРИ, ДАМЈАН ГРУЕВ ВО 1906 ГОДИНА И МИЛЕ ПОП ЈОРДАНОВ ВО 1902 ГОДИНА.

WEB Телевизија во живо

На денешен ден 1906 година на врвот Петлец, кај селото Русиново, Беровско, во борба против османлиската војска загина Дамјан Јованов – Даме, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школуваше во родното место – селото Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година беше учител во селото Смилево и во Прилеп. Од летото 1894 година почна да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Беше учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ. Во август 1900 година беше уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година беше заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Беше претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој беше избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествуваше. По неуспехот на востанието ја продолжи својата револуцинерна дејност. Во 1904 година претседаваше на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време беше и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година.

Истиот ден, четири години порано, во 1902 година, во Велес, во близина на училиштето „Св. Ѓорѓи“, во борба против турската патрола (откако претходно беше поткажан), за да не падне жив во рацете на непријателот се самоуби Миле Поп Јорданов, македонски револуционер и учител. Македонскиот народ го овековечи со песната „Бог да го прости Миле Поп Јорданов, кој загина за народот и за Македонија“. Роден е во Велес, во 1878 година.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *