ИВАН АНТОНОВ – ВЕЛИКАНОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ИЗГОВОРЕН ЗБОР

WEB Телевизија во живо

38 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА НАЈПОПУЛАРНИОТ ГЕВГЕЛИЧАНЕЦ НА 20 ВЕК. ИВАН АНТОНОВ – ВЕЛИКАНОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ИЗГОВОРЕН ЗБОР Е РОДЕН ВО СЕЛО УМА, ГЕВГЕЛИСКОСите луѓе си имаат своја сопствена историја. Па, така и човекот за кого сакаме да напишеме неколку збора. А, за него, за Иван Антонов, доајенот на македонското спикерство, може да пишуваме надолго и нашироко, па сепак да не кажеме доволно. За него како човек, но, пред се , за него како еден од ненадминатите македонски спикери, за човекот кој го носи епитетот најпознат гевгеличанец во 20 век.Неговиот глас, ораторскиот талент и познавањето на македонскиот јазик бил препознатлив белег, прво на Радио Скопје, а потоа и на Македонската телевизија.

Роден е во село Хума, на 1 мај 1924 година во влашка, попска фамилијаво која покрај него, имало уште двајца браќа близнаци. Во 1928 година, семејството, од Хума доаѓа во Гевгелија. Тука Иван го завршува основното училиште, а по завршувањето, една нивна пријателка, им кажала дека во Софија постои Романска гимназија, која на сите што сакаат да учат во неа им ги плаќа сите трошоци за интернатот и за школувањето. Така, бидејќи романскиот јазик е многу сличен со влашкиот, тројцата браќа заминале и се школувале во Софија се до моментот кога, при крајот на Втората светска војна, сојузниците ја бомбардирале Бугарија. Тогаш, на сите ученици им било кажано да си заминат во земјите од каде доаѓаат. Браќата Антонови се враќаат во Гевгелија за да Иван, заедно со едниот близнак го продолжи своето школување во Струмица, додека другиот останал во Гевгелија да им помага на родителите, и да ги полага предметите во Струмица вонредно. Иван и неговиот брат биле одлични ученици, едниот бил најдобар ученик на генерацијата а другиот најдобар ученик во училиштето. Иван Антонов, по враќањето од Струмица, кратко време работи како учител во селото Негорци, за да потоа замине за Скопје. Од еден гевгеличанец, кој бил вработен во „Вардар филм„ Иван разбрал дека во Радио Скопје се организира аудиција за спикери. Се јавил, и веднаш бил согледан неговиот извонреден говорнички талент и познавање на македонскиот јазик, што по повеќевековното негирање требаше да се афирмира. Веднаш бил примен и од таа, 1947 година започнува неговата спикерска дејност. Сето друго е историја, се до неговата прерана смрт, на 14 декември 1983 година, една година пред да замине во пензија.

Никола Солдатов, еден од доајените на македонското спортско новинарство, по повод неговата смрт ќе запише: „Тој некако пребргу ни замина, во собата на спортската редакција, последната оддесно во ходникот на Дневно-информативниот сектор, нема веќе да доаѓаат да го бараат „ТЕТИНОТ„, како го викавме ние, колегите новинари„Иван Антонов повеќе од три и пол децении беше пред микрофонот. Таа мала железна алатка беше дел од него, дел од неговиот живот. Тој не знаеше што е работно време или работна смена, за него немаше друг живот освен тој во радиото, со микрофонот или без него. Ако некој го минал целиот свој живот, во буквална смисла на зборот во Радио телевизија Скопје, тоа беше тој. Еден беше Иван Антонов. Мнозина се обидуваа да го имитираат, да бидат како него, но никогаш не успеваа, тој имаше нешто што не се учи и научува, што е дарба на природата

Немерлив е неговиот придонес кон она што се нарекува македонска национална култура во рамките на феноменот на кој се беше посветил. Неговиот препознатлив глас прозвучуваше на сите континенти, ја разнесуваше вистината за оваа наша мала, напатена грутка земја, допираше до оние кои копнееја за Татковината. Посебно негово достигнување е совршеноста до која стаса во совладувањето на нашиот литературен јазик, и покрај тоа што потекнуваше од Хума, од крај каде јазикот на кој се зборува, во многу нешто се разликуваше од современиот литературен македонски јазик. Но, за своето село, во пазувите на Кожуф планина, Хума, Антонов постојано со занес знаеше да раскажува.Неговото говорење, неговите соопштувања, неговите кажувања, независно дали читаше првомајски прогласи или лирика, допираа најнепосредно до срцата на слушателите. Во тоа беше неговото мајсторство, тоа беше силата на неговиот талент. „Се присетувам, вели Солдатов, на чинот што ми се случи кон крајот на шеесеттите години од минатиот век кога како тазе вработен во штотоку формираната Македонска телевизија прв пат влегов во аудиостудио да прочитам мој напишан текст. Се разбира бев возбуден и со мала трема, но и исплашен. Текстот го читав пред доајенот на македонското спикерство и најголемиот познавач на македонскиот јазик Иван Антонов. По излегувањето од студиото го прашав како му прозвучело моето читање. Тој голем познавач на јазикот наједноставно ми одговори: Ти докторе не читаше со твојот мек мелодичен мијачки говор. Ти пееше. Камо среќа сите новинари да пеат како тебе, читајќи ги своите текстови.„Кога ќе дојде време да се пишува историјата на Македонската радио телевизија, сигурно е дека едно од првите места во нејзиниот почеток ќе му припадне на Иван Антонов, великанот на Македонскиот изговорен текст.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *