ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ЕЛЕНА ПОП КОСТОВА, МАЈКАТА ХРАБРОСТ: „ТРИ НЕШТА НИ ОСТАНАЛЕ ОД РАЈОТ: ЅВЕЗДИТЕ ВО НОЌТА, ЦВЕЌИЊАТА ПРЕКУ ДЕН И ДЕТСКИТЕ ОЧИ“

ДА СИ МАЈКА НА ПЕТ ДЕЦА Е ПЕТ ПАТИ ПОГОЛЕМА,НО И ПОСЛАТКА ОДГОВОРНОСТ
Во 2019 година, доколку се сеќавате, пишувавме за Елена Поп Костова, мајката која тогаш ја нарековме храброст, и која по четирите „принцези“, Леа, Ања, Лана и Луна, го доби, некаде ова време и петтото дете, „принцот“ Стефан.
Како редакција не интересираше како денеска, после три години од првата наша средба, Елена излегува на крај со нејзините пет деца. Знаеме како е кога се има едно дете, дека одговорноста е огромна, но кога имаш пет деца, одговорноста се чини е пет пати поголема, затоа што секое дете е приказна за себе и си има свои различни потреби. А, посебно не интересираше, на овој ден, 3 декември, како напредува Луна, девојче со попреченост.
„Луна е бунтовна и знае да се скара со сестрите за нешто што ѝ значи. Љубопитна е и постојано нешто нѐ прашува.
– Ги воспитувам моите деца да се штитат еден со друг. Тие многу ѝ помагаат на Луна за сѐ, особено кога има некакво дофрлување од средината или ако некаде не е прифатена како што треба. Тоа што од мали мораа да се соочат со ваква ситуација ги научи да бидат посочувствителни кон децата и луѓето со попреченост – вели гордо, на почетокот на муабетот Елена.
Во последните три години, продолжува таа, живеам многу турбулентен живот, особено таква беше последнава година, која ми беше тешка и исцрпувачка.Доживеав тешки паѓања кои за среќа ме направија многу посилна и многу поборбена. Секогаш сум таква и секогаш знам да најдам решение за било каков проблем кој че се испречи пред мене.
Обврските пак околу моето мало детско „царство“ можеби денес и не се толку тешки бидејки тие веќе се поголеми и посамостојни, но од друга страна веќе се во тие години каде е потребно да се разговара со нив повеќе и да им се посветува поголемо внимание.Со поголемите ќерки, може да кажам дека сме како другарки, постојано си разговараме, ги прифаќаат сите мои добронамерни совети. „Принцот“ Стефан за еден месец ќе наполни веќе три години, се развива во едно паметно момче и иако е машко многу е мирен и послушен. Милина една, оди во градинка, а ги има своите сестрички кои се секогаш околу него да му се најдат, а тој пак е многу приврзан кон нив.
Секое од девојчињата си има свои соништа и желби. Ања е многу трудољубива на училиште. Многу сака да помага и уште сега знае дека сака да биде нотарка. Леа е поповлечена и сака да поминува време на „Инстаграм“ и на „Јутјуб“. Многу ја сака норвешката група „Маркус и Мартинус“. Лана е пргава, гласна, снаодлива. Со Ања многу го сакаат спортот.
Слободно време за себе речиси и да немам, вели Елена. Денот ми почнува во 4,30 наутро, го подготвувам ручекот до 7 часот по што децат ги носам на училиште, а Стефан во градинка. Одам на работа, каде останувам до 17 часот, по што се враќам дома во прегратките на децата. Целото мое време го посветувам на домот и на работата.
Ја прашавме Елена, дали, доколку повторно може да се роди, повторно би одбрала да има многу деца. Како од пушка ни одговори потврдно. „За мене, децата се најсветлата точка во мојот живот, за нив живеам, постојам и дишам. Тие се мојата најголема среќа во животот, поттик за борба и мотивација за животот. Ги воспитувам да ја ценат повеќе духовната отколку материјалната вредност на човекот, ги учам да се трудат во животот и никогаш да не се откажуваат од она што го работат и сакаат. Ги учам дека во животот не секогаш има само рози, ќе наидуваат и на пречки, но да не паднат со духот, да одат секогаш напред и да си одат по својата патека, да го прават она што им го вели срцето, да се уникатни и, што е најважно, самите да се обидат да си го направат животот поубав и да не чекаат некој друг тоа да го прави за нив.
Ги учам да не се откажуваат пред првата пречка, затоа што целиот наш живот е една непрекината борба, и ако понекогаш паднат, нека најдат сили, нека станат, нека стават убава насмевка на лицето и да продолжат понатаму.“
Не интересираше дали некое од децата го наследило нејзиниот талент за пеење.
„Многу жалам, ни одговори Елена, што не продолжив да се занимавам со пеење, но, така требало да биде. Но, ме радува што сега Ања го наследи мојот талент. Уќествуваше на фестивалот „Европорта фест“, каде го освои првото место и ме направи многу горда.
Каде се гледа Елена за пет години, беше нашето наредно прашање.
„Па, се гледам како успешен работник и успешна мајка, а мислам дека до тогаш ќе ги остварам сите оние работи што сум си ги набележала. Со многу труд, се разбира, бидејќи од небо ништо не паѓа само.Еве, за скоро време ќе започнам со нова работа, во казиното на Винер кое треба да се отвори во близина на граничниот премин Богородица.
Но, пред се , за себе и за моите деца си посакувам здравје и хармонија, затоа што сето друго доаѓа само по себе., заврши Елена.
.
И посакуваме на Елена и на нејзините дечиња, многу здравје, пред се, мир во душите, љубов во срцата, многу слога и меѓусебно разбирање во наредните години. Нека им се оствари сѐ што си планирале и нека господ им даде сила и енергија да бидат подобри, поцврсти, поодлучни и поистрајни.
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *