ГАБРИЕЛА КОСТЕВСКА ОД СОУ „БОГДАНЦИ“ ЗА СВОЈАТА ТВОРБА „ЈАЗИКОТ НА ДУШАТА“ НАГРАДЕНА СО ЕДНОНЕДЕЛНА ОБУКА ЗА ТОЛЕРАНЦИЈА КАЈ МЛАДИТЕ НА КИПАР.

WEB Телевизија во живо

Фондацијата Никола Кљусев со поддршка од министерството за култура и во 2020 година го организираше, по седми пат проектот Творам за Македонија, во кој директни учесници се учениците од основните и средните училишта на РМ.
Со цел да се поттикне творештвото и креативноста кај младите, проектот вклучуваше пишани творби (проза или поезија) на зададена тема.
Темата на конкурсот беше “Јазикот на душата“.Пристигнаа голем број творби од училиштата ширум Македонија.
Ученичката Габриела Костевска од СОУ „БОГДАНЦИ“ е меѓу петте наградени во конкуренција на средните училишта.
Учениците од основните училишта се наградени со стипендии за школување во Приватното средно училиште „САБА“, а учениците од средните училишта се наградени со учество на еднонеделна обука за толеранција и позитивно однесување кај младите, што ќе се одржи на Кипар во 2021 година, проект којшто Фондацијата „Никола Кљусев“ го спроведува со партнери од други европски држави. Еве ја нејзината наградена творба:
Јазикот на душата
Јас не сум тело кое се засолнило во душа Јас сум душа мисловна која стихотвори без точки и запирки. Ко распуштени коси во недоглед, ко дни со равенки, ко песна кадифена. Заклинета на ѕидна слика во трошно одајче бестелесна во азурни тонови. А потоа којзнае што ќе се случува… Во ноќта со скроена црна марама, ѕвездата на душата мојата мила, во очите ја скрив. Да не ме бараат по темнина им реков на кројачите. Да не ме фрлаат во теснотија им реков на темничарите. Небаре ќе побарам да ги отворам старите карти, кутиите кои се отвараат само пред сведоци, списите кои се даваат на реверс, саркофазите со светлосните зраци. А потоа којзнае што ќе се случува… Ќе ги закопам во тишината два-три тешки збора да не ме најдат, ами да ме носат како топлина и како гром да ме чуваат во превезот на тивкиот сомнеж. Да ме носат до крајот на светот. И сè нека трае… и трае тука, сега, секаде. А потоа којзнае што ќе се случува… Само душата ќе сака да го истурка времето низ прстенот на Сонцето, да ја испие мачнината од моето постоење, за да можам ненаситно да заспивам и да ја бакнувам мојата совест во деноноќието. А потоа којзнае што ќе се случува… Ти душо моја, ќе ме помамиш со мирисот како подгорен пергамент, како незаштитен мозаик со песок, за да стапнеш конечно во мене, со поглед вперен налик на псалм и одек длабок. Ќе ги видиш синилата кои имаат смисла. Ќе ја почувствуваш бесконечната убавина на конечното, ќе ја победиш енигмата… А потоа којзнае што ќе се случува… Мојата искреност и надеж, твојот мир и невиност, мојот исчезнат гнев. Твојот глас на душата, триумфот на добрината ќе воскреснат како сон од сончевини. А потоа којзнае што ќе се случува…
May be an image of 1 person and outdoors
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *