ВО ГЕВГЕЛИЈА, ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО, ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „КУФЕРКО“ И ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ДЕТСКИ ФИЛМ „СТЕЛА“

WEB Телевизија во живо

Во рамките на одбележувањето на Светската недела на детето, од 5 до 9 октомври, во Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија ќе се реализира културна програма со проекција на првиот македонски, детски, долгометражен, игран филм за деца „Стела“ и театарска претстава за деца „Куферко, светскиот патник од Македонија“.
Согласно протоколите за организирање културни настани, детскиот филм за учениците од трите основни училишта од општина Гевгелија: „Владо Кантарџиев“, „Крсте Мисирков“ и „Ристо Шуклев“- Негорци, ќе се проектира од 5 до 7 октомври, во големата сала на Народниот театар, со почеток во 10:00 часот.
Стела“ е приказна за едно куче – шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилично, но не е… Откако детето Николa ќе се обиде да се самоубие поради „булинг“ во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствената која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.
Во филмот на режисерот Стојан Вујичиќ , главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 12 годишниот Петар Маниќ (кој е за прв пат на филм), Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.
Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Гого Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, а снимател на звукот е Срѓан Бајски.
Долгометражниот игран филм „СТЕЛА“ е копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ (продуцент: Огнен Антов), Србија: „Акција Продукција“ (Продуцент: Јована Караулиќ) и Германија: „Моуна“ (Продуцент: Никол Акерман). Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за Филм на Република Македонија“, филмскиот проект „СТЕЛА“ поддршка доби и од „Филмскиот центар на Србија“, а горд спонзор на филмот е Витаминка.
На 9 октомври, исто така, во големата сала на Народниот театар, со почеток во 18:00 часот, пред најмладата гевгелиска публика ќе биде одиграна „Куферко, светскиот патник од Македонија“, во режија на Трајко Јордановски, а по текст од истоимената книга на м-р Симона Ристевска. Во претставата играат: Билјана Дабеска, Билјана Бајевска, Невен Силјановски, Мартина Аврамовска, Симона Јовчевска, Агим Бафтии и Маја Стојанова.
Низ актерската игра, преку патувањата на малиот љубопитен Куферко, децата ќе се запознаат со неговиот волшебен свет и посетите на значајни места во државата, а ќе го збогатат знаењето за разновидноста на нивната татковина.
– Куферко, светскиот патник од Македонија, е мало и љубопитно, темпераментно срамежливо куферче, олицетворение на децата или на детето кое постои во секој од нас. Тој е симбол и спој на македонската традиција и историја, јазикот и културата, хуманоста и етиката. Нашиот верен и искрен другар, кој на лесен и забавен начин ќе нè воведе во неговите секојдневни активности и лудории, преку детската игривост и наивност и на позитивен начин ќе нè воведе во својот волшебен свет, вели Симона Ристевска, за својот лик од нејзината книга.
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *