ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

НА 1 ОКТОМВРИ 1891 ВО СМОКВИЦА РОДЕН АНГЕЛ ДИНЕВ, ОПШТЕСТВЕНИК И ПУБЛИЦИСТ

Ангел Динев е роден на 1 октомври 1891 година во гевгелиското село Смоквица. По завршувањето на основното училиште во селото, слугува како овчар, а во црквата учествува како псалт. Кон крајот на 1909 година се вработува во Егзархиската митрополија во Солун. До 1911 година работи како фурнаџија, се самообразува и влегува во Ученичкиот револуционерен кружок. Истовремено станал и организатор на привремениот Околиски комитет на ВМРО за гевгелиските села од десната страна на Вардар.
Во есента 1911 година Ангел Динев станал член на Околиски револуционерен комитет на Македонската револуционерна организација, а од мај 1912 година е секретар во четата на војводата Коста Христов Попето. По избувнување на Балканската војна во 1912 година, четата излегува на планината Кожув и учествува во борбите против османлиската власт. Четата на Коста Х. Попето влегува во состав на посебната воена единица Македонско ополчение која ја формира бугарската армија, а Ангел како доброволец служи во 3 чета на 15 Штипска дружина. Во текот на Првата светска војна тој служи во Единаесетата пешадиска македонска дивизија.
Во периодот меѓу двете светски војни Ангел Динев објавува и посебни публикации од областа на поновата македонска историја: „Движењето“ (1924), „Заборавените“ (1925), „Кресненското востание“ (1926), „Хуриетот и постхуриетските борби во Гевгелиско“ (1934).
Во 1927 година, Ангел Динев станува раководител на Гевгелиското братство и на таа функција се задржува се до 1947 година. Исто така, од 1928 па се до 1942 година, тој работи како писар во Министерството за земјоделство. Меѓу двете светски војни тој го издава и најзначајното македонско периодично издание „Македонски вести“ (24. I 1935 – 12. Х 1936). Ова издание, првин како неделно списание, а потоа како весник, било неофицијален орган на ВМРО(Об) кој ја афирмира културно-националната историја, особено од илинденскиот период, и ја развива македонската национална свест, литература, наука и култура.
Во текот на Втората светска војна, меѓу 1940 и 1944 година, Ангел Динев неколку пати бил интерниран во разни логори. По превратот во Бугарија на 9 септември 1944 година, бил особено активен. Тој го раководи Сојузот на македонските доброволечки друштва во Софија и го редактира неговиот орган „Доброволец“ од 1944 до 1946 година. Динев во овој период развива широка општествено-политичка дејност сред Македонците во Бугарија. Во 1944 година тој ја објавува брошурата „Етнографската идеја на македонските Славјани“, а подоцна и „Илинденската епопеја“ I-II каде смело го истакнува постоењето на македонската нација.
Меѓутоа откако по XVI пленум на Бугарската комунистичка партија (13 јули 1948), била укината културната автономија на Пиринска Македонија, Динев праќа протестно писмо до ЦК на БКП и на 20 август 1948 година илегално ја напушта Бугарија.
По доаѓањето во Македонија, Ангел Динев бил поставен за стручен соработник во новооснованиот Институт за национална историја во Скопја. Во 1951 година тој го публикува последното дело „Политичките убиства во Бугарија“.
May be an image of 2 people and text
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *