ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ГЕВГЕЛИЧАНЕЦОТ ТОДОР ПОПОВ НА ТРЕТОТО„ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ 1973“ ЈА ОТПЕА „ЗА СИТЕ ДЕЦА“, ПЕСНА КОЈА ПОДОЦНА СТАНА СВОЕВИДНА „ХИМНА“ НА ФЕСИВАЛОТ

Годинава познатата манифестација за деца, „Златно славејче“, која ја организира Советот за грижи и воспитување деца на Град Скопје, слави редок јубилеј – 50 години постоење!
Оваа успешна музичка приказна ја започнале во ноември, далечната 1970 година неколку членови на Советот за грижа и воспитување на децата, и тоа: композиторот Александар Џамбазов ,кој бил уметнички директор на фестивалот), поетот Васил Пујовски и Благоја Јордановски (во тоа време, секретар на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје).
Тој е најстариот детски музички фестивал на Балканот и вториот најстар во Европа. Заклучно со 2020 година, на фестивалот учестувале над 5.000 деца (како солисти или како членови на хорот), а биле изведени околу 1000 композиции.
Но, за нашата приказна е важно третото издание на овој реномиран фестивал. За фестивалот во таа далечна 1973 година, организаторите побарале од повеќе познати и признати учители по музичко воспитание од училиштата во целата држава да испратат по една композиција од ученик кој има талент за пеење. Тогашниот наставник по музичко воспитување во ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, Александар Попов, испраќа песна која ја испеал неговиот внук Тодор Попов.
Меѓу 24-те изведувачи одбрани за фестивалот се нашол и Тодор, тогаш ученик во петто одделение. Бидејки тогаш така бил редот, примените песни на фестивалот да бидат доделувани според гласовните можности на дечињата, организаторот му ја доделува на Тодор Попов да ја испее песната на Александар Џамбазов, „За сите деца“, на текст на Васил Пујовски. Песната тогаш не освојува награда, но подоцна, се препознаваат нејзините квалитети и таа станува неофицијална химна на сите подоцнежни фестивали „Златно славејче“, песна со која се отвора и затвора фестивалот.
Инаку, приказната за Тодор Петров, иако е исполнета со многу музика и песна, за жал нема среќен крај. По настапот на фестивалот, Тодор, кој е роден 1962 година, го завршува основното училиште „Крсте Мисирков“ и се запишува во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во својот роден град, Гевгелија. Бидејќи голем дел од неговата поширока фамилија се занимавале со музика, Тодор самоиницијативно почнува да учи да свири на сите жичани инструменти, меѓу нив и на гитара, која станува негов омилен инструмент и со која ги забавува своите врсници на тогашните седенки. По завршувањето на гимназијата се запишува на Економскиот факултет, а паралелно со тоа членува во еден од најстарите староградски ансамбли во Македонија „Распеани гевгеличани“, каде што свири на бас прим.
Ансамблот, кој е под раководство на неговиот чичко, Александар Попов, во 1978 година, снима плоча на која се наоѓаат познати гевгелиски староградски напеви, меѓу кои „Трба трби гевгелиска“, „Песна за Гевгелија“, како и влашката песна „Две лири, две франги“ .
За жал, како што напишавме погоре, приказната за Тодор Попов нема среќен крај. Во 1988, тој доживува тешка сообраќајна несреќа од чии последици набргу и починува. Судбината си поиграла со животот на распеаното момче на гитара од Гевгелија, Тодор Попов, но во меморијата на гевгеличани останува засекогаш неговиот ведар лик, неговиот глас и свирењето на гитарата. А, додека живее детскиот фестивал „Златно славејче“, ќе остане да се слуша на почетокот и на крајот на секое издание неговата песна „За сите деца“. Така ќе биде и оваа година, на јубилејното 50-то издание, кое ќе се одржи во недела, на 17 октомври.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.