ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ГЕВГЕЛИЧАНЕЦОТ ГОРАН МИЛАНОВ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ПОПИШАН МАКЕДОНЕЦ ВО ГВАЈАНА

Податоците од пописот на населението што деновиве го објави Државниот завод за статистика ни покажа дека македонски граѓани живеат во над 170 држави во светот. Не има на сите континенти, дури и на Антарктикот.
Единствениот Македонец што се попишал во Гвајана е гевгеличанецот Горан Миланов. Во оваа држава на североисточниот брег на Јужна Америка, Горан живее веќе четири години. Го контактиравме за да дознаеме нешто повеќе за него.
Интересно е како тој заминал од Македонија во оваа егзотична држава, сместена меѓу Венецуела и Суринам.
Горан е младо момче кое додека живеел во Гевгелија се вработил во хотелот Рамада Плаза, како surveillance, или „камери“, во познатиот хотел кој се наоѓа пред граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница. Бидејќи се покажал како добар работник, од страна на менаџерите на хотелот му било понудено да работи во Гвајана во хотел од истата франшиза Рамада Плаза. Ја прифатил понудата и сега живее и работи во главниот град на Гвајана, Џорџтаун.
Вели дека е задоволен од работата, од примањата и од животот во Гвајана и сега за сега не планира да се врати во Македонија, иако му недостасуваат неговиот брат Љупче, родителите, роднините и пријателите кои ги има во Гевгелија.
Слободното време го користи за другарување со колегите, претежно од Турција и Романија, оди во теретана и сака да гледа добри филмови.
Миланов се попишал „он лајн“ во терминот кога се попишувале нашите иселеници кои живеат во странство.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.