ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ФОРМИРАНО ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ „QUO VADIS 021“ ОД ОХРИД ЗА ЕДУКАЦИЈА И ПРЕВЕНЦИЈА ОД ХАЗАРДНИ ИГРИ.

Старосната граница се спушта, коцкањето станува порок и на деца од 13-14 годишна возраст, оти коцкарниците им се премногу достапни. Според истражувањето од 2017, 13,6 проценти од учениците изјавиле дека се коцкале за пари во изминатата година, каде најчесто или 16,2 проценти станува збор за кладење во спортска обложувалница, 10,8 отсто играње карти, лотарија, бинго и 4,7 проценти играње на слот машини. Овие бројки покажуваат дека младите сè повеќе се навлечени на игри на среќа, коцка и казино.
Коцкарот прв пат стапнува во обложувалница или казино од љубопитност, а со првата добивка започнува маѓепсаниот круг од кој тешко се излегува. Првата добивка понатаму води само кон загуби, до загуба на семејството, пријателите, на работното место, на здравјето. Потребно е да се прекине кругот , да се препознаат симптомите на зависност пред да стане премногу доцна, вели Мирче Крстески, Претседател на новоформираното Здружение на граѓани од Охрид за едукација и превенција од хазардни игри „Quo Vadis 021“
„Се навлеков од првиот пат од првата игра во 1991 година. Пијам грст лекарства и наутро и навечер. Коцката го наруши целосно моето здравје и ментално и физички. На 50 години изгледам како да имам 70. Сакам да помогнам со моето лично искуство на сите кои сакаат да им се помогне кои се свесни дека имаат проблем. Голем дел од нив не се ни свесни дека имаат проблем. Целта на формирање на здружението е за едукација и превенција.“ – вели Мирче Крстески, Претседател на Здружение „Quo Vadis 021“
Коцкањето во меѓународната класификација е регистрино како болест, пореметување на нагоните. Во светот доктори, психијатри, психолози, социолози работат со лицата со овој социопатолошки проблем. Кај нас никој не сака да разговара, сите креваат раменици, вели Крстески.
Со сегашниот Предлог- закон и измени на Законот за игри на среќа и забавни игри и автомати се предлага само дислокација на објектите кои имаат лиценца за ваков вид на дејност на одалеченост од образовните институции. Тоа по наше мислење е премалку бидејќи треба да се спречи патолошкото коцкање, а не коцкањето од забава, ако може да се донесе законско решение да се даде изјава со која играчниците ќе бидат запознаени дека одредено лице е патолошки коцкар и дека не смеат да му овозможат да пристапи, тогаш ќе спасиме живот, бидејќи коцкањето е болест“, вели адвокатот Љупчо Наумоски.
May be an image of text
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.