ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

КАКО СЕ ДВИЖЕЛ БРОЈОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО ГРАДОТ ГЕВГЕЛИЈА ОД МИНАТОТО ДО ПОСЛЕДНИОТ ПОПИС. ОД 100 ЖИТЕЛИ ВО 1530 ГОДИНА ДО 15.685 ВО 2002 ГОДИНА.

Во очекување да видиме колкав е бројот на населението во градот Гевгелија според пописот кој завршува за два дена, интересно е да проследиме како се движел овој беој од минатото па се до последниот попис, направен 2002 година.
За некој статистички преглед за Македонија, па и за Гевгелиската каза во целиот период на османлиското управување не може да се зборува, бидејќи турската држава немала статистичка служба.
Статистичкиот преглед бил прикажуван единствено врз основа на издадените нуфузни тефтери, тоа биле документи во кои се евидентирало само машкото население, муслиманско машко население заради воената служба а христијанското машко население се евидентирало поради воената даночна обврска.
Според дефтерот за демографија на населбите за Паша санџакот во областа на Сол-Кол од 1530 година, од времето на султанот Сулејман Величествениот, тогашната населба Гевгелија ( во дефтерот именувана како Гевгел) броела околу 100-тина, ѝ можеби, нешто повеќе жители. Во официјалните графи на овој османлиски даночен попис, стои дека, во Гевгелија имало 24 домакинства, 13 ергени и 5 вдовици. Други податоци за населбата Гевгелија, од овој период, нема. Тогаш населбата Гевгелија се наоѓала во состав на Аврет-Хисарската (Кукушката) каза.
Според Јоанис Ксантис, населбата Гевгелија, после нејзиното уништување од турците (1823/24 година), односно, во 1830 – 1840 година, била мало селце од 20 до 25 фамилии, кое покасно пораснало на 60-70 фамилии. Од овој податок, кој во поголема мерка е веродостоен, можеме да заклучиме дека Гевгелија од 1830 до 1840 година броел од 100 до 150 луѓе.
Според податоците на Стефан Верковиќ, што ги добил преку кукушко-полјанскиот епископ Партениј Зографски, во 1860 година, Гевгелија имала 215 куќи од кои 180 биле македонски, 25 турски и 10 куцовлашки. Во овој период во Гевгелија се населува турското, влашкото и циганското население, со што населението е веќе зголемено повеќекратно.
Во 1870 година бројот на вкупното население изнесувал околу 1.610 жители,од кои 1.257 македонци, 250 турци, 103 власи, предимно доселени од Влахо-Мегленската област.
Во 1890 година, според податоци на К.Костиќ, Гевгелија имала 4.200 жители.
Од 1890 до 1912 година бројот на населението во Гевгелија се движи од околу 4.200 до нешто над 5.000 жители. Според податоците на В. Кʹнчов, во 1895 година, Гевгелија броела 4.175 жители, од кои 3.000 христијани ( се мисли на македонци), 650 турци (мухамеданци), 175 чекрези, 120 власи – христијани и 230 цигани.
Во 1906 година, Иван Иваниќ пишува, дека, Гевгелија броела преку 7.000 жители, додека, Јефто Дедиер смета дека Гевгелија пред Балканските војни имала 4.350 жители, од кои 3.000 словени (македонци), турци и чекрези 1.200, Власи 150, а живееле и европски странци.Меѓутоа, според Јован Трифуновски, во овој период бројот на жители во Гевгелија изнесувал 5.188 жители, што укажува на фактот дека бројката на Иваниќ е произволно зголемена и најверојатно, неточна.
Непосредно пред Балканските војни, Гевгелија брои, нешто, над 5.000 жители и според брзиот економски раст на градот, Гевгелија била нарекувана „Кучук Сељаник“ (Мал Солун).
Според пописот на населението во Кралството СХС од 1921 година, непосредно по Првата светска војна, Гевгелија броела само 2.792 жители, такашто овој податок доволно укажува на тектонските поместувања во однос на демографската состојба на населението во град Гевгелија во текот на кобната Прва светска војна. Околу 2.000 жители биле раселени од кои само една четвртина , подоцна се вратиле. Во 1925 година, Гевгелија и градската чаршија на градот, личече на вистинско стопанско мртвило.
Според официјалната годишна статистика на Кралствово Југославија од 1936 година, Гевгелија непосредно пред Втората светска војна, одвај достигнала до 4.000 жители.
Град Гевгелија после Народно ослободителната борба (НОБ), односно, во 1944 година, имала околу 4.000 жители.
По Вората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 декадни пописи : во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и во 2002 година. Според податоците на овие државни пописи,односно, според податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија, населението во град Гевгелија во 1948 година броело 4.967 жители. Во годината 1953 град Гевгелија веќе нараснува до 5.777 жители, а во 1961 година во град Гевгелија живеат 7.332 луѓе. Според пописот во 1981 година во град Гевгелија има 9.410 жители.
Во 1991 година се одржа првиот нецелосен попис во самостојна Република Македонија, кој според податоците на Државниот завод за статистика во град Гевгелија живеат 15.041 жители.
Според републичкиот попис, што се спроведе, од 21 јуни до 5 јули 1994 година, во град Гевгелија веќе живеат 14.974 жители, од кои 14.490 македонци, 253 срби, 116 власи, 24 турци, 25 албанци и останатите од други народности.
Според последниот попис на населението во Република Македонија во 2002 година, градот Гевгелија брои 15.685 жители од кои 97% се етнички македонци, 1,6% се срби, 1% се влашко население, а 0,4% се останати народности.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *