ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ФОРМИРАНА ФОНДАЦИЈА „БОРЈАН ПЕТКОВСКИ“ ЗА СТИПЕНДИРАЊЕ НА МЛАДИ И НАДЕЖНИ СТУДЕНТИ

По повод прераната и трагична смрт на Борјан Петковски од Гевгелија, семејството Петковски формира Фондација „Борјан Петковски“ за стипендирање на млади и надежни студенти. Основна цел на фондацијата е да се пренесе духот, енергијата и ентузијазмот до сите соврсници на прерано починатиот Борјан, чиј живот по само 22 години беше трагично прекинат во сообраќајна несреќа. Фондацијата „Борјан Петковски“ со доделување на стипендии од паричен фонд обезбеден од семејството Петковски, ќе им излезе во пресрет на што повеќе талентирани студенти кои имаат цели и визија во животот. Млади луѓе кои се на прагот да зачекорат по патот за стекнување на високо образование, стремејќи се кон високи достигнувања во своите претстојни професионални кариери. На тој начин ќе го пренесат духот и енергијата на Борјан, кој на чекор од големата желба и љубов со факултетска диплома, да го продолжи својот професионален ангажман во стоматологијата, ненадејно замина од овој свет.
Борјан Петковски е роден на 7 септември 1999 година во Гевгелија, каде што се стекнува со основно образование во ООУ „Владо Кантарџиев“. Во последните години од своето основно образование, Борјан две години по ред присуствуваше на интернационален кампус на летна школа по Француски јазик во Франција и Англиски јазик во Англија. По престојот тој успеа да ја разбуди својата амбициозност и желба за успех, но и да стекне многу пријатели од целиот свет. Првите две години од своето средно образование ги помина во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, а истото го заврши во меѓународната гимназија „НОВА“ во Скопје. Во 2018 година се запишува на факултет за стоматологија на Медицинскиот Универзитет во Софија каде што на Англиски јазик ја завршуваше третата година од студиите. Тој за вложениот труд и знаење на сите испити беспрекорно добиваше високи оценки, но освен успешен студент, Борјан беше сакан и почитуван пријател, соученик, колега. Стоматологијата и медицинските науки не беа неговите единствени предизвици, туку и актуелните научни достигнувања, книжевни и други дела, кои му отвараа нови светови. Токму поради ваквото духовно богатство, позитивна енергија и решителност – невообичаени за еден млад човек, Борјан Петковски беше идол за неговите најблиски другари, средношколски и студентски врсници и членови на потесното семејство. Семејството Петковски токму за да го пренесе ваквиот негов дух и енергија на младите соврсници ја формира Фондацијата „Борјан Петковски“, која секоја година ќе доделува стипендии за студенти запишани на факултети во земјата и странство. Конкурсот за доделување на стипендии ќе биде објавен на 7 септември 2021 година, на денот на раѓањето на Борјан Петковски, за да се слави животот и желбата на младите луѓе за образование.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.