ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

НАЈГОЛЕМАТА ПРИВАТНА БИБЛИОТЕКА ВО МАКЕДОНИЈА А И НА БАЛКАНОТ КОЈА СОДРЖИ 12.000 КНИГИ СЕ НАОЃА ВО КУЌАТА НА СТЕВО СТЕПАНОВСКИ ВО СЕЛОТО БАБИНО,ДЕМИРХИСАРСКО

Стево Степановски (Бабино, Демирхисарско, 17 јули 1950) е македонски библиофил и сопственик на најголемата приватна библиотека во Македонија која се наоѓа во Бабино, Демир Хисар. Фондацијата Рамковски во септември 2010 му ја додели наградата “Крсте Петков Мисирков” за животно дело.
Во старинската куќа на неговиот прадедо, на самиот влез во демирхисарското Бабино Село, Стево Степановски грижливо чува 12 илјади примероци на книги. Тоа го прави веројатно најголемиот македонски библиофил. Ракописи, стари и повеќе од 300 години, единствени примероци на книги напишани на старословенски, турски и на арапски јазик, црковни слова и знаци, стари речници, нотни записи… Собирањето книги за Стево е пасија. Тој од пред 40 години продолжува да ја негува семејната библиотекарска традиција, создавана еден век. Вели: “Според мене, поради библиотечниот фонд со кој располагам, сметам дека ова е можеби и најголемата приватна библиотека на Балканот.
Приватната библиотека на Стево е именувана како Клуб на читатели “Алиби”. Селската куќа е на два ката. Од собите, во кои се наоѓаат полиците со книги, се шири мирисот на стара хартија и бајати повези. Се забележуваат пожолтените корици на еден век старата Псалтекина литургија на св. Јован Златоуст. Тука е и првото издание на Деветтата симфонија на Бетовен, Музички речник на Карл Јунек, печатен во 1909 во Прага, од кој има само 30 примероци во светот. Го има и првото издание на приказните за “Шехерезада”, “Али Баба”, “Аладин”, собрани во персиската книгата “1001 ноќ”.
А на еден од дрвените рафтови стои и најстарата книга, Арапски речник од 1307 година.
“За ова што го имам денес, виновен е мојот прадедо Јован. Тој бил турски војник кому, поради недостиг на пари од државната каса, Турците наместо со алтани, му исплаќале со книги. Дедо ми, исто така, многу често од своите соборци откупувал книги. Откако насобрал голем фонд на наслови, во 1882 година ја основал библиотеката. Со оваа работа продолжил да се занимава и мојот татко Ристо. До пред пред извесно време беа собрани 8 илјади примероци книги, а јас ја зголемив таа бројка на уште 4 илјади примероци”, ја раскажува Стево приказната за семејното библиофилство.
Поради библиотечниот фонд со кој располага Стево Степановски, НБУ “Св Климент Охридски”, Библиотекарското друштво на Македонија и со решение на Министерството за култура од 25 октомври 2004 година, библиотеката му ја признаваат за прва приватна библиотека во Македонија која ги исполнува условите за основање и работа.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.