ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

БИЛЈАНА ЈОВАНОВА, ЧЛЕН НА ЗДРУЖЕНИЕТО „ЕЛЕНА КОСТАДИНОВА – ЗА СРЕЌА“:ИМ ПОРАЧУВАМ НА СИТЕ ЖЕНИ, ЗАКАЖЕТЕ СИ СКРИНИНГ НА ДОЈКА ШТО ПОРАНО, ЗА ДА НЕ СЕ НАЈДЕТЕ ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ОГЛЕДАЛОТО

На инфо денот на тема: „Рак на дојка- скрининг и рана детекција“, што се одржа во организација на Општата болница во Гевгелија, во Народниот театар во Гевгелија, во името на Здружението на болни од рак-„Елена Костадинова“- ЗА СРЕЌА, присуствуваа и две нивни членки, Билјана Јованова и Александра Букршлиева. Пред присутните, емотивно обраќање имаше Билјана Јованова.
Откако ја поздрави оваа акција и им се заблагодари на сите институции што помагаат да им се олесни животот на заболените од карцином, преку овозможување разни ортопедски помагала, користење средства за туѓа нега, ослободување од партиципација при дополнителни испитувања и други бесплатни услуги, Билјана Јована се задржа на својот пример.
„Еве ме, кажа Јованова , на оваа говорница стојам пред вас и се прашувам, во кое својство сум денес присутна овде? Како медицинско лице или како пациент? Сепак, сметам дека сум овде пред се како Човек, заедно со вас да споделам некои мои размислувања за карциномот. Како можат, што полесно, заболените од оваа опака болест да се справат со неа, како да продолжат да живеат како и сите други здрави луѓе и да ги извршуваат секојдневните обврски и дома и на своето работно место.
Овој збор, карцином, за многумина звучи страшно. Има луѓе кои целиот живот имаат страв од некоја болест, но има и такви кои иако болни, наоѓаат во себе сила и храброст и живеат како и сите други здрави личности. Јас, сметам дека сум во оваа втората група.
Долго време ја криев од другите мојата болест, се плашев кога ми беше соопштена дијагнозата, ме јадеше стресот, стравот и помислата од тоа како на оваа моја болест ќе реагира околината во која живеам и работам. Долго време морав да ја наведнувам главата пред секој љубопитен поглед кој ми беше упатуван од луѓето, да подголтнувам кога слушав некои коментари околу моето здравје, а во исто време да најдам сила да ги истрпам моите болки, да ги смирувам моите најблиски дека се е во ред и нормално да функционирам. Беше тешко , особено кога останував самата со себе и со мојата болест. Но, еве издржав.
Сега времето ми е исполнето со работа, другарување, спортување, пишување. Затоа, сакам да се обратам на другите жени кои ја имаат оваа болест, да им порачам да бидат храбри, трпеливи, да веруваат во себе и да имаат надеж дека се ќе биде во ред. И, да не молчат туку отворено да зборуваат за својата болест. Како што споделената среќа е поголема, така споделената несреќа е многу помала.
Токму поради ова беше формирано нашето Здружението на болни од рак-„Елена Костадинова“- ЗА СРЕЌА, за да си бидеме утеха едни на други, да ги споделуваме нашите искуства, да си помагаме колку можеме, а највеќе со насмевка и убави зборови.
Оние пак жени кои се здрави и кои мислат дека ваква болест нив не може да им се случи, би сакала да им порачам, дај боже никогаш да не заболат, но од друга страна да не заборават дека може еден ден и тие да се најдат од другата страна на огледалото. Затоа, мој совет кон нив е да си закажат ран преглед на дојката.
Дали ќе ве охрабрам ако гласно ви кажам : Јас сум Билјана Јованова и боледувам од канцер?
На крајот, рече Јованова, да си спомнеме на сите пријатели наши кои ја изгубија битката со карциномот, а ние другите да ја продолжиме животната битка и понатаму преку нашето Здружение и слични вакви акции.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *