ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

САШО ПОЦКОВ:ГЕВГЕЛИСКИТЕ СТОПАНСТВЕНИЦИ И ПРЕТПРИЕМАЧИ СЕ НАЈПОГОДЕНИ ОД ПАНДЕМИЈАТА СО КОВИД-19

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, делегат на ЗКК, учествуваше на онлајн-состанокот на Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Европскиот комитет на региони и Република Северна Македонија. На средбата, Градоначалникот имаше обраќање во кое сподели искуства од економските последици од КОВИД-19 пандемијата во Општина Гевгелија, но и свое видување како да се постигне задржливо закрепнување и прилагодување:
– Пандемијата е една од причините за забавената инвестициона активност, но и за отежнатиот економски развој и воопшто живеење во општина Гевгелија. Особено, ако се има предвид структуираноста на гевгелиската економија која е во тесна зависност од прекуграничниот промет.
 
Затворањето на грчката граница, поради рестриктивните мерки од пандемијата, значеше и затворање на туристичко-угостителските капацитети и казина во Гевгелија, каде што беа вработени скоро 2000, главно млади луѓе. Дополнително, бројните услужни и други капацитети кои ги опслужуваа и зависеа директно од прометот на грчките туристи, останаа под клуч. Така, на пример, скоро 40-тината стоматолошки и други здравствени ординации, кои придонеса за развој на здравствено-рекреативниот туризам во Гевгелија, година и пол не работат. Затоа, и сметам дека последиците од пандемијата, во споредба со другите региони, во најголема мера ги почувствуваа гевгелиските стопанственици и претприемачи.
– Со бизнис-заедницата сум во постојан контакт, особено во изминатата година и пол, кога поради пандемијата локалната економија беше соочена со големи последици и штети.
 
Настојував за нивните барања да посредувам и организирам средби со надлежните министри и премиерот на Владата на Република Северна Македонија, но и со конкретни мерки што ги донесе Советот на Општина Гевгелија за ублажување на последиците. Општина Гевгелија останува отворена за бизнис-соработка, натамошно поттикнување на прекуграничниот промет бидејќи од тоа директно зависи и развојот и животот во општината, истакна Поцков.
 
На средбата се обратија и Јасна Грабиќ, градоначалничка на општина Трбовље и Борјанчо Мицевски, градоначалник на општина Крива Паланка, како и останати градоначалници- делегати на ЗКК кои изнесоа ставови за научените лекции од КОВИД-пандемијата, директна заемна соработка со општините од РСМ и очекувања од оваа онлајн-средба и ЗКК- РСМ, воопшто.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.