ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ГЕВГЕЛИЈА ЌЕ ДОБИЕ ПРВА ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА НАСКОРО, А ВОВЕДУВАЊЕТО НА ЗОНСКОТО ПАРКИРАЊЕ ЌЕ СЕ ОДЛОЖИ ЗА НАПРОЛЕТ 2022 ГОДИНА.

Гевгелија е позната како рамничарски град, или „рамна ко тепсија“, и идеална е за возење со велосипед. Има многу велосипеди во општината, но нема ниту една велосипедска патека. За тоа кога ќе добие градот таква патека, и кога ќе се реши сообраќајниот хаос во центарот на градот со ветеното зонско паркирање, го прашавме првиот човек на општината, градоначалникот Сашо Поцков.
„ Веќе оваа недела треба да се изврши одбележување на првата велосипедска патека во нашиот град, која ќе се протега од двете страни на булеварот „Гевгелија“, на потегот од кружниот тек кај „Алатницата“ па се до пред надвозникот на излезот од градот. Крајната, гледано од десно, прва трака на булеварот, ќе биде одделена со столпчиња и ќе биде наменета за велосипедистите. Средната трака ќе биде наменета за привремено застанување на патничките возила, додека третата, ќе биде наменета за одвивање на сообраќајот. Со тоа, се надевам дека големиот број на велосипедисти ќе бидат задоволни, а ние, како општина ќе работиме на тоа, да го зголемиме бројот на улиците каде ќе може да се изведат велосипедски патеки.
За жал, воведувањето на зонското паркирање ќе почека со реализација до пролетта наредната, 2022 година. Имавме две можности за ова, или преку јавно приватно партнерство или преку ЈПКД „Комуналец“. Ние се фокусиравме преку комуналното претпријатие, но таму се појавија проблеми со ликвидноста на ЈПКД „Комуналец“ , бидејќи во време на пандемијата тие пружаа голем број услуги за јавната чистота, додека имаа помала наплата. Но, како и да е мора што побргу да го решиме овој проблем со зонското паркирање во централното градско подрачје. Инаку, во Општина Гевгелија, ќе се применува системот на зонско паркирање и тоа во 3 зони. Првата црвена зона „А“ , која го опфаќа централното градско подрачје ќе биде ограничувачка, на 2 часа и треба да влијае дестимулирачки за долготрајно паркирање во центарот на градот.
Намерата е да се овозможи паркирање на 2 часа со цена која во почетокот ќе биде повисока, поради тоа возачите да се стекнат со навика да не одат во секоја прилика со автомобил во центарот на градот, туку да се паркираат подалеку, и во центарот да се движат пеш.“, нагласи Поцков

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *