ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ЕРДОГАН ШАБАНОВСКИ, ТЕОЛОГ И ИСТОРИЧАР:ГЕВГЕЛИЈА СЕ СПОМНУВА ВО 1733 ГОДИНА КАКО ВАКУФНАМЕ НА ЌЕРКАТА НА СУЛЕЈМАН ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ И ХУРЕМ СУЛТАН, МИХРИМАХ СУЛТАН, А ПРОГЛАСЕНА Е ЗА ГРАД НА 5 АПРИЛ 1885 ГОДИНА

Со младиот Ердоган за прв пат се запознавме во времето кога се пишуваше Монографијата за Гевгелија- 130 години град. Тогаш тој ја пишуваше својата магистерска тема „Административната структура на Гевгелија во последниот период од Османлиското владеење“, при што ни испрати фотографија од првиот званичен документ во турските Салнамиња, по наше, Главни книги, во кои се споменува Гевгелија како градска населба. Она што вреди да се спомене е дека во тој период Гевгелија имала дури 16 институции во кои работело и муслиманското и христијанското население, а за фактот дека Турците мислеле уште тогаш на соживот, покажува и фактот што заменик Кајмакам во сите населени места, па и во Гевгелија, бил христијанин. Овој факт и неговата магистерска тема за Гевгелија беа доволен повод да го реализираме овој разговор со него.

Роден сум, вели Ердоган на почетокот, на 24 септември 1992 година во Кавадарци. До четврто одделение учи во Основно училиште во Калково, а од четврто до осмо одделение учи во Основното училиште во Јосифово. Во ова училиште Ердоган запознава двајца професори кои значајно ќе влијаат на него да ја засака Историјата и истражувањето. Беа тоа професорите Звонко Вангелов и Никола Кованцалиев. На детството посебно се сеќава на убавите топли лета кои со своите другари ги поминувал во полето, играјќи ги детските игри и насладувајки се на зрелите и сочни лубеници.

Средно училиште Шабановски завршува 2011 година во Иса Бег медресата Скопје, истурена паралелка во Штип, за да го продолжи своето образование на Теолошкиот факултет во Бурса, Република Турција, при Улудаг универзитетот, на Институтот за социјални науки. Тука го завршува факултетот и магистрира на тема Османлиска Историја.

Еден од условите, продолжува Шабановски, за магистратурата беше тоа да се напише статија за едно место во Македонија и неговата историја. Најнапред сакав да пишувам и истражувам за Дојран, бидејќи моето село Калково, во Османлискиот период припаѓало на Дојранската каза. Но, додека ги истражував Документите за Дојран, увидов дека Гевгелија е многу поинтересна за истражување, покрај другото што за неа откривав повеќе податоци. Гевгелија до 1885 година се спомнува во сите документи како село, или нахија, но по изградбата на железничката пруга Солун-Скопје, Гевгелија станува еден од позначајните градови во овој дел на Македонија. Затоа, Магистерската тема која Шабановски ја напишал носи наслов „ Административната структура на Гевгелија во последниот период од Османлиското владеење.“
Поголем дел од материјалот Шабановски користел од Османлиската архива во Истанбул, односно пишаните документи и салнамиња за Гевгелија. “Салнаме’’ ни кажува Шабановски значи статија (годишна книга) која што e објавувана во Османлиско време од поединци, од самата држава, од влиајетите, од војничката структура, од приватни институции и министерствата. Зборот Салнаме потекнува од два персиски збора сал (година) и наме ( пишано, писмо).
Гевгелија најпрво во архивските документи од Османлискиот период се споменува како регион врзан за Авратхисарската каза. При тоа Гевгелија во 1721-22 била нахија во Солунскиот Санџак, кој пак бил поврзан за Авратхисарската каза. Во 1863 година, пред настанувањето за град, или каза, во Гевгелија имало само 60 куќи. Од Османлиските документи и од Салнамињата може да се каже дека Гевгелија дури од 5 април 1885 година., кога во неа се испратени првите службени лица, почнува да се развива и станува град или каза, објаснува Шабановски.
Во периодот помеѓу 1018 и 1345 година во кој период се знае дека се случувале Српските напади на територијата на денешна Македонија, овој регион бил под Византиската Империја. Во 1328 година Србите искористувајки ја приликата од внатрешните војни во Византиксата империја, подрачјето го окупираат под своја власт. За време на окупацијата се знае дека Византискиот император изградил тврдина во највисокиот рид во овој гевгелиски регион, која била бранета од страна на жените и поради ова, таа тврдина била наречена Гјнаикокастро ( Тврдина на жените).
Инаку, вели Шабановски, за раниот период од Османлиското владеење има многу малку документи за Гевгелија. Во еден документ од 1733 година Гевгелија се споменува како вакуфнаме на Михримах Султан која била ќерка на познатиот Османлиски Султан, Султан Сулејман Величенствениот родена од Султан Хурем.
Она што најмногу го воодушевило младиот Шабановски во Османлискиот период бил податокот дека државата тогаш на секое населено место му давала соодветно значение со тоа што во сите нив имало создадени институции со кои се управувало со тоа место.
Така, во тој период, во Гевгелија имало 16 институции и тоа
1. Управен Совет ( Идаре Меџлис)
2. Апелационен Суд ( Бидајет Махкеме)
3. Сметководство ( Мухасебе Калеми)
4. Општина
5. Војна институција ( Весаити наклијеи аскерије)
6. Комисија за Вакуфи
7. Комисија за Статистика ( истатистик хејети тахриријеси)
8. Комисија за Образование (Маариф)
9. Зираат Банка и Совет на Зираат Банка
10. Трговско, Земјоделкса комора
11. Директорат за Тутун
12. Финансиска Полиција (Забита)
13. Институција за Долгови ( Дујуни умумије)
14. Наплатна Комисија ( Тахсилат Комисијону)
15. Комисија за зачувување на правата на Сираците ( Ејтам Комисјон)
16. Комисија за недвижности ( Фераг ве Интикал Комисјон)
Веднаш по постанувањето на каза во 1885 година во Гевгелија за прв пат бил назначен и Кајмакам, нешто како денешен Градоначалник. Кајмакамот бил под Министерството (Незаретот) за Внатрешни Работи и под контрола на Валијата кој се наоѓал во Солун. Во 1900 година, документите тврдат дека во Гевгелија е назначен и заменик кајмакам кој бил христијанин.
Го запрашавме Ердоган што и каде работи, на што тој ни кажа дека, во моментот работи како учител во Училиштето во Штип каде завршил средно образование, а во исто време е и Оџа во Централната џамија во Штип. Ни, кажа уште дека и нему, како и на сите граѓани, тешко му паѓа пандемијата на корона вирусот, затоа што по природа е комуникативен и сака да се дружи и да разговара со луѓето.
На крајот, Шабановски ни откри дека и понатаму се занимава со истражувачка и научна дејност, и во моментот преведува една книга и пишува една статија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *